Ги измисли мобилните телефони, предлага да ни бидат вградени под кожата - Што знаеме за Мартин Купер?
- Детали
- четврток, 23 март 2023
Мартин Купер (94) во 1973-та година го измисли мобилниот телефон. Потоа уште десет години со тим од „Motorola“ работеше на негово усовршување. Денес, половина век откако го направи првиот повик од мобилен, Купер тврди дека наскоро мобилните телефони ќе ни бидат вградени под кожата, а нашето тело ќе биде полнач.
Таткото на мобилните телефони, Мартин Купер, излезе со морбидно тврдење на Светскиот конгрес за мобилни телефони во Барселона.
Човекот кој го измисли првиот мобилен телефон во 1973-та година, Motorola DynaTac 8000X, верува дека мобилните на следната генерација ќе бидат вградени под кожата, во областа на ушите.
Тој смета и дека нема да треба да ги полниме мобилните, бидејќи нашето тело создава енергија преку консумирањето храна.
„Човечкото тело е полнач, нели? Јадете храна, произведувате енергија. Што ако го немате овој апарат што си го ставате на увото, туку тој да ви биде вметнат под кожата и да се напојува со вашата енергија?“, праша Купер на конференцијата.
Со неговиот коментар тој навести нова фаза во човештвото, во која нашите тела ќе бидат надградени со микрочипови и сензори.
И покрај тоа што ги измисли мобилните и со тоа го смени ликот на светот, Купер не е воодушевен од тоа каде води иднината.
Ова се некои од неговите размислувања:
„Најдобрите денови на технологијата допрва доаѓаат, особено во контекст на образованието и здравството. Но, моето најнегативно размислување е дека веќе немаме приватност, бидејќи сè за нас сега е снимено и складирано некаде и е достапно за оние кои имаат желба да дојдат до тоа“.
„Навистина има луѓе што се повеќе од пет часа на мобилен? О Боже, па тие немаат живот!“
„Зависноста од социјалните мрежи, ТикТок, Инстаграм, Снепчет, игричките на мобилните е сè поголема кај најмладите. Па, тие како да немаат детство. Но, затоа имаат лесен пристап до штетни содржини“.
„Кога го измислив мобилниот, очекував дека еден ден сите ќе имаат ваков телефон, но никој од нас не ни помисли дека овие уреди еден ден ќе станат мали лаптопи кои никој нема да ги испушта од рака“.