Ќерката на Стив Ирвин на 24 години се оперираше од ендометриоза: „Десет години живеев во ужасни болки, беше страшно“
Таа додава дека ѝ било страв да се реши за операција, но знаела дека веќе не може да живее на стариот начин.
„Секој аспект од животот ми беше распарчен поради болката. Да ја скратам приказната, ми открија 37 лезии, некои многу длабоки и тешки за отстранување, но и чоколадна циста.
Откако се разбудив, првите зборови на мојот хирург беа: ‘Како живееше со толкава болка?’“
Бинди, која со сопругот Чендлер ја има ќерката Грејс, во објавата им се обрати и на сите оние што често ги прашуваат жените за нивните идни семејни планови, да престанат да го прават тоа.
„Ве молам, бидете нежни и запрете пред да ме прашате мене, или која било жена, кога ќе имаме повеќе деца. Никогаш не знаете дали некоја од нив се бори со ендометриоза или друга состојба која може да влијае на плодноста.
По сето она што го помина моето тело, се чувствувам неизмерно благодарна што ја имам мојата прекрасна ќерка. Таа е чудо на нашето семејство.
Свесна сум дека милиони жени се борат со слична приказна. Постои стигма околу оваа ужасна болест. Ја споделувам мојата приказна за секој кој го чита ова и тивко се справува со болката, ама нема одговори.
Ова нека биде ваша потврда дека вашата болка е вистинска и дека заслужувате помош“, вели таа.
Бинди целиот свој живот е во центарот на вниманието на светската јавност како ќерка на познатите заштитници на дивиот свет Стив и Тери Ирвин.
Стив, познат како „ловецот на крокодили“, почина 2006 година, на 44-годишна возраст, откако беше прободен во градите од ража додека снимаше документарен филм за Големиот корален гребен.
Бинди во тоа време имаше осум години.
По неговата смрт, семејството на Стив, вклучително и неговите деца Бинди и Роберт, вдовицата Тери и зетот Чендлер, ја продолжија својата работа за зачувување на дивиот свет во зоолошката градина во Австралија, на брегот Саншајн во Квинсленд.
А. Ј. | Црнобело