Девојката на Измамникот од Тиндер: „Заедно го гледавме документарецот, ми зема 150.000 долари и беше насилен“ (видео)
- Детали
- среда, 22 февруари 2023
„Кејт, јас сум милионер! Во моментов, немам излез. Дали можеш да го сфатиш тоа со твојот пореметен мозок? Не украдов од тебе. Ти ми даде пари затоа што сакаше“ - девојката што стоеше до Измамникот на Тиндер по објавувањето на филмот сега раскажува дека всушност тој земал пари и од неа и дека насилно ја турнал и повредил.
Минатата година целиот свет дозна за криминалните дејствија на Шимон Хајут, или Симон Левиев попознат како „Измамникот од Тиндер“ по хит документарецот на Нетфликс, а израелската манекенка Кејт Конлин (23) беше со него во врска токму во период кога филмот почна да се емитува на малите екрани.
Таа стоеше до него за време на интервјуто во кое Измамникот од Тиндер тврдеше дека измамените жени лажат, а сега, речиси една година подоцна убавата Израелка дава интервјуа во сите поголеми светски медиуми и раскажува сосема поинаква приказна.
Кејт даде интервју за BBC каде тврди дека нејзината врска со Шимон била совршена на почетокот, дури сите нејзини пријатели ѝ завидувале затоа што имала совршен дечко.
Вели дека во 2020-та година тој почнал да ѝ праќа пораки на Инстаграм и дека нивната врска во тој период била како „љубовна бомба“, дека тој бил „опседнат“ со неа. Ја придружувал кога одела на фотосесии и ја чекал додека работела.
Шимон дури го чистел и нејзиниот дом и ѝ праќал долги говорни пораки во кои ѝ ја изразувал својата љубов, па младата манекенка мислела дека конечно го нашла принцот од бајките. Но, набрзо потоа почнало малтретирањето.
Хајут ја критикувал за изгледот, за изборот на облеката, за височината, за изгледот на нејзината кожа (затоа што има проблеми со акни), заради што почнала да ја губи самодовербата.
Во тие 18 месеци додека биле заедно почнала сè помалку да излегува од дома и да се гледа со пријателите.
Кејт во интервјуто по документарецот тврдеше дека Шимон никогаш не ѝ побарал пари на заем, а сега открива дека му позајмила 150.000 долари што тој не ѝ ги вратил.
Но, манекенката која има успешна кариера, во интервјуто за BBC вели дека не е толку загрижена за парите, туку дека стравува за сопствениот живот.
Во приказната се пренесуваат и дел од пораките што тој ѝ ги праќал на девојката додека барал пари од неа на заем.
„Кејт, јас сум милионер! Тоа е факт. Во моментов, немам излез. Ме разбираш? Немам излез! Дали можеш да го сфатиш тоа со твојот пореметен мозок? Со тој твој птичји мозок. Немам излез Кејт. Не украдов од тебе. Ти ми даде пари затоа што сакаше. Ми позајми. Немам излез и тоа е тоа“ – вели тој.