Нетфликс снима реално шоу со игрите од „Squid Game“ – учесниците се смрзнуваат, но не се откажуваат за 4 милиони долари
- Детали
- среда, 25 јануари 2023
„Дури и кога се смрзнуваа, луѓето не сакаа да си одат, сакаа да освојат милиони“ – по огромниот успех на серијата Squid Game, Нетфликс снима реално шоу по нејзиниот пример. Но, учесниците кои се пријавиле во надеж дека ќе станат милионери сега се жалат заради нехуманите услови во кои се одвивало снимањето.
Не е исто серијата Squid Game да ја гледате од удобноста на својот дом и да го преживувате тоа што им се случуваше на играчите.
Во надеж дека ќе освојат награда од над 4 милиони евра, вкупно 456 натпреварувачи се пријавиле да бидат дел од реалното шоу на Нетфликс што деновиве се снима по примерот на корејската хит-серија Squid Game.
Првата игра „црвено светло – зелено светло“ се снимала во стар хангар на британската авијација, на температура од -3 степени Целсзиусови, а голем број натпреварувачи се откажале затоа што не можеле да ги издржат тешките услови, па некои дури и се вратиле во САД и Австралија од каде што дошле за да учествуваат.
Незадоволни од хорор-искуството што го преживеале за време на снимањето, натпреварувачите ја споделуваат својата приказна за некои од светските медиуми.
Во хангарот, за време на снимањето имало кукла, слично како и во споменатата серија, па така, кога куклата ќе почнела да пее, на натпреварувачите им било дозволено да се движат нанапред, а биле исфрлани доколку мрднат кога куклата ќе престане да пее.
„Ни дадоа по два дуксери, два пара чорапи, маица, еспадрили и зелени тренерки. Сите имавме елеци со крв под облеката што пукаа веднаш ако забележеа дека се движиме за да изгледа како да сме биле застрелани“ – раскажува еден од учесниците.
Други, пак, се згрозени од хорор искуството што го преживеале во борбата за освојување на милионите.
„Дури и кога имаа знаци на хипотермија не сакаа да си одат, затоа што многу пари се во игра. Имаше луѓе што беа уверени дека ќе станат милионери, а си заминаа во солзи.
Снимањето беше како воена зона, луѓето ги изнесуваа надвор со лекари, но не смеевме да речеме ништо. Дури и ако зборуваш, те исфрлаат. Постојано слушавме како некој вика ’помош‘ и тогаш доаѓаа лекари.
Стоевме околу 30 минути помеѓу снимањето. Некои од учесниците ползеа на крајот, а најмалку едно лице беше пренесено на носилка“ – сведочат дел од оние што учествувале.
Продуцентите на Нетфликс се огласија со соопштение по повод изјавите на дел од учесниците, кое гласи:
„Сите учесници беа известени дека ќе се снима во студени услови и беа подготвени. Претходно беа преземени чекори за игрите да се одвиваат безбедно“ – велат оттаму.
Б. С. Б. | Црнобело