Емотивен гест: Човекот кој секоја година со сијалички го испишува името на соседот кој починал од рак (фото)
- Детали
- среда, 21 декември 2022
Со цел да му покаже поддршка на соседот кој на 9 години добил дијагноза за рак, Мајк од САД почнал да испишува мотивирачки пораки со сијалички за време на празничната сезона. Тој ја продолжил традицијата и откако соседот починал на 19 години, а вели дека не планира да престане.
Мајк Витмер од Мериленд, САД, секоја празнична сезона му оддава почит на негов сосед кој починал од рак во 2010 година.
Кога ја украсува неговата куќа за новогодишните празници, 56-годишниот Мајк го испишува името на соседот – Кевин – со сијалички поставени на покривот.
Кевин починал во тинејџерските години, а бил дијагностициран во 2002-ра, на 9-годишна возраст.
Мајк, кој е татко на две деца, уште таа година направил натпис со сијалички за поддршка на Кевин.
„Кевин беше добро дете – беше дел од пливачкиот клуб со моите деца, па сите станавме пријатели. Кога слушнав дека има рак и дека оди на хемотерапија и радиотерапија, сакав да му ја покажам мојата поддршка.
Добив идеја да напишам ’Оздрави, Кевин‘ со моите новогодишни сијалички. Кое дете не би сакало да го виде своето име со сијалички, без разлика дали има рак или не?“
Тогаш било неизвесно дали Кевин ќе може да го помине Божиќ со семејството, но кога бил пуштен од болница, Мајк веднаш ја напишал пораката со сијаличките.
„Кевин беше добар спортист и имаше одлична смисла за хумор. Едноставно, беше прекрасна личност. Не знам што ме натера да закачам сијалички за него, само сакав да го поддржам“.
Кевин бил пресреќен од гестот на Мајк, па ѝ рекол на мајка си да го замоли да го направи истото и следната година.
„Си помислив ’Како можам да го одбијам‘, па традицијата се роди“.
Оттогаш, Мајк секоја година закачувал сијалички со мотивирачки пораки за Кевин.
Ракот на момчето бил во ремисија, но повторно се вратил кога завршил прва година на факултет. Овојпат бил поагресивен, па момчето починало во јуни 2010-та, на само 19 години.
Но, Мајк решил да ја продолжи традицијата.
„По погребот ги поканив сите кај мене дома. Им реков дека оваа година ќе го напишам името на покривот, за и Кевин да може да го види“, вели Мајк.
Иако семејството на Кевин се преселило, Мајк вели дека ќе ги закачува сијаличките секоја година.
А, со цел да ја обележи 20-тата годишнина од првиот ваков украс, тој ја сподели емотивната приказна на Фејсбук.
„Навистина го ценам целото внимание што го добив. Но, кога ја почнав традицијата, тоа беше мал гест за Кевин, и уште е.
Ова не е за мене. Ова е покажување почит за навистина прекрасно дете кое не го заслужи она што му се случи“.
Спирова С. | Црнобело