Слатко 4-месечно девојче има бујна и бушава руса коса поради редок синдром: „Изгледа како глуварче“ (фото)
- Детали
- сабота, 26 ноември 2022
4-месечната Арла се родила со многу коса, а веќе има бушава фризура за која мајка ѝ вели дека никако не може да ја среди. Најверојатно бушавата коса е предизвикана од редок синдром, но мајката вели дека уште чекаат потврда од лекарите.
Повеќето деца се раѓаат без или со многу малку коса, а потребно е време пред да почне да им расте погуста коса.
Но некои дечиња, како малата Арла, имаат бујна коса речиси веднаш откако ќе се родат.
Арла има само четири месеци, а веќе има бујна руса коса за која мајка ѝ Алија вели дека прави да изгледа како глуварче.
24-годишната Алија Луис вели дека е невозможно да ја среди косата на ќерката и без разлика што пробува, Арла секогаш е разбушавена.
„Арла се роди со многу коса која почна да станува побушава откако првпат ја избањавме. Сите мислат дека нејзината фризура е луда и ја сакаат“.
Мајката претпоставува дека ќерка ѝ има синдром на коса што не може да се чешла (uncombable hair syndrome) поради кој е невозможно косата да паѓа надолу како вообичаено и е невозможно да се исчешла.
„Дури и кога пробувам да ја чешлам, косата си останува разбушавена. Ја чешлам секој ден и некогаш ја собирам со стегач, но на Арла не ѝ се допаѓа. Некогаш изгледа и како кромитче.
Најчесто само ѝ ставаме венче или не правиме ништо. Користиме бебешки шампон за коса и ја миеме како вообичаено, но не ставаме кондиционер или нешто слично“.
Алија вели дека уште чека лекарите да ѝ кажат дали ќерка ѝ го има синдромот или постои друга причина за бушавата коса.
„Можеби станува збор за синдромот, а можеби има и некоја алергија. Уште чекаме одговор. Нешто вакво се нема случено во нашето семејство, па беше неочекувано“.
Синдромот кој најверојатно го има Арла е ретко наследно нарушување. Кај децата со овој синдром, косата почнува да расте помеѓу 3-иот и 12-тиот месец.
Децата најчесто имаат многу светла коса, а во многу ретки случаи, синдромот може да предизвика проблеми со коските и очите.
Обично состојбата на косата се нормализира откако ќе почне пубертетот.
Спирова С. | Црнобело