Германска населба наплаќа 88 центи кирија годишно - Кои се условите за да живеете таму?
- Детали
- четврток, 24 ноември 2022
Мора да сте католик, да докажете дека навистина сте во незавидна финансиска положба и секојдневно по трипати да се молите на Бога за да можете да живеете во симпатичното предградие на Аусбург, каде киријата е само 88 центи месечно. Би прифатиле ли?
Фугереј, Аугсбург, Германија - во ова магично место, киријата не е покачена од 1520 година и изнесува само 88 центи за цела година.
Откако ковал монети за Ватикан и се прославил како еден од најголемите претприемачи во Европа, Џејкоб Фугер (познат како „Богатиот Џејкоб“) го свртел погледот кон оние на кои им е потребна помош.
Она што произлегло од оваа визија сега опстојува како најстариот добротворен комплекс за социјални станови во светот.
Во 1517 година, започнала изградбата на визијата на Фугер за она што ќе стане место со златни ѕидови што тој го создал како начин да обезбеди прифатливи домови за најсиромашните - дневните работници, занаетчиите и нивните семејства.
Иако претрпела голема штета за време на бомбардирањето во Втората светска војна, населбата била вратена во нејзината претходна состојба.
Ова место сега се состои од приватни резиденции вклучувајќи 67 куќи, 147 станови, црквата Свети Марко и административна зграда.
Денес постојат повеќе услови за да можете да живеете во оваа населба, а и самиот процес на аплицирање не е воопшто лесен.
Апликантите треба да дојдат лично, да разговараат со социјалните работници и да појаснат какви други потреби има апликантот освен финансиските.
Поединците заинтересирани да живеат таму мора да ја докажат својата (католичка) вера и да докажат дека се во мошне незавидна финансиска положба.
Жителите секој ден треба да кажат три молитви со кои се молат за здравјето на семејството Фугер.
Постои уште едно правило до кое жителите мора да се придружуваат, а тоа е забраната за излегување по 10 часот навечер и секој што ќе се најде на улиците во предградието ќе треба да плати казна од 1 евро.
Целта на ова правило била да се заштити населбата од алкохоличарите што талкаат по улиците.
Жителката Каролина Ленцгајгер за германските медиуми вели дека никој не ги проверува дали тие задолжително го прават ова, но таа се придржува до правилото од благодарност за можноста да живее во населбата.
Самата раскажува дека дошла да живее овде пред 2 години кога заради здравствени проблеми останала без приходи и сега е благодарна за тоа што има можност да живее во 2 соби во населбата.
Слична е и приказната на Илона Барбер која за Financial Times појаснува дека доколку не добиела сместување во населбата, со нејзината мала пензија денес би била бездомник.
Фондацијата Фугер има околу 3.000 хектари шуми од каде се обезбедуваат речиси сите средства за одржување на малите домови, а заедницата дополнително заработува и од божиќните пазари и од посетите од туристи.
Овде посетителите плаќаат 4 евра за прошетка низ целиот град, а овој влезен билет чини повеќе од киријата таму.
Погледнете повеќе фотографии од населбата:
M. Г. | Црнобело