Девојка (25) е нова жртва на Измамникот од Тиндер: „Го гледав документарецот за него, но го сакав, не очекував дека ќе ме ограби“
- Детали
- вторник, 22 ноември 2022
Откако украл над 10 милиони долари од жени во Европа, Измамникот од Тиндер сега оперира во Израел. Ирен Тренов (25) е најновата жртва на Шимон Хајут, а вели дека го видела документарниот филм за него, но била вљубена и не сакала да им верува на неговите жртви, мислејќи дека неа нема да ѝ се случи тоа.
На почетокот на годината, светската јавност остана во шок откако го изгледа филмот „Измамникот од Тиндер“ (Tinder Swindler) на Netflix и ја проследи приказната за трите измамени девојки што паднале на шармот на Израелецот, Шимон Хајут и за кого се верува дека од повеќе жени успеал да изнуди околу 10 милиони долари.
Шимон во тој период ги отфрли сите обвиненија против него, па даде интервјуа за повеќе телевизии заедно со неговата девојка, манекенката Кејт Конлин и рече дека сака да си го поправи имиџот и да докаже дека тврдењата за него не се вистина.
Иако многумина беа убедени дека трите жени Сесилија Фјелхој, Пернила Сјохолм и Ајлин Шарлоте ја говорат вистината за Шимон, Израелката Ирен Тренов не сакала да верува во нивната приказна, а сега и самата ја споделува приказната за тоа како западнала во долгови затоа што му верувала на погрешен човек.
„Тој детално ми раскажа што се случило со секоја од жените што говореше против него и ми кажа дека сѐ што кажале тие е лага. Воопшто не изгледа како криминалец и измамник“ – вели таа во интервју за израелските медиуми и признава дека откако се запознале на социјалните мрежи брзо одлучила да започне романтична врска со него.
Ирен во интервјуто раскажува дека Шимон ја ограбил на сличен начин како што тоа го направил со другите жртви во документарниот филм, а успеал да ѝ земе вкупно 130.000 долари.
Додека биле во врска таа побарала совет од него затоа што сакала да купи нов автомобил.
„Тој рече дека ќе нарачаме заедно автомобил и дека тој ќе ми помогне да го купиме по подобра цена затоа што ми е дечко“ – вели Ирен.
Шимон ѝ објаснил дека тој е партнер во нова компанија за увоз на возила и дека ќе ѝ помогне да купи нов автомобил BMW за многу пониска цена од пазарната.
По ова, Хајут ѝ дал упатство како да земе повеќе позајмици од различни компании и на крај да ги префрли парите на неговата сметка.
Откако на неговата сметка префрлила 130.000 долари тој ѝ дал возило за привремено користење додека да стигне автомобилот што го нарачале.