Се родија најстарите близнаци во светот, од ембриони смрзнати пред 30 години (фото)
- Детали
- вторник, 22 ноември 2022
Ембрионите на близнаците Лидија и Тимоти Риџвеј биле донирани од анонимни донори и смрзнати во далечната 1992-ра година, кога жената што годинава ги донесе на свет имала само 5 години. Рејчел се шегува дека иако се најмали, тие се нејзините највозрасни деца кои кога се родиле имале 30 години.
На 31-ви октомври годинава Филип и Рејчел Риџвеј од Портланд, САД, станаа родители на најстарите близнаци во светот, дечиња чиишто ембриони биле замрзнати во далечната 1992-ра година.
Ембрионите на близнаците Тимоти и Лидија биле донирани од анонимен брачен пар во април 1992-ра година кои тогаш поминувале низ ин-витро постапка.
Во март, точно 29 години и 10 месеци откако биле смрзнати, ембрионите биле пренесени во телото на Рејчел, а во октомври годинава биле родени Лидија со тежина од 2kg и 580g и Тимоти со тежина 2kg и 900g.
„Сум имала само 5 години кога Бог им дал живот на Лидија и Тимоти и го сочувал тој живот целото тоа време. На некој начин тие се нашите највозрасни деца, иако се најмали“ – појаснува Рејчел.
Филип и Рејчел имаат уште 4 деца, кои не биле зачнати со ин-витро постапка, но овојпат кога одлучиле да го прошират семејството со помош на трансфер на ембриони сакале да им дадат шанса на оние што подолго време биле замрзнати.
„Не ги баравме ембрионите што биле најдолго време замрзнати, само ги баравме оние што чекале најдолго“ – појасни таткото Филип.
Ембрионите биле смрзнати во течен азот на температура од -128 степени Целзиусови во клиника за плодност сѐ до 2007-ма година, кога двојката одлучила да ги донира во Националниот центар за донација со надеж дека ќе му помогнат на друго семејство што ја води битката за потомство.
Инаку, Тимоти и Лидија во моментов се најстарите ембриони што резултирале со раѓање, пред нив тој рекорд го држеше Моли Гибсон која беше родена во 2020-та година од ембрион што претходно бил замрзнат 27 години.
Б. С. Б. | Црнобело