Американка (56) ја родила нејзината внука, откако на снаата ѝ ја отстраниле матката: „Без двоумење понудив да бидам сурогат мајка“
- Детали
- петок, 11 ноември 2022
Ненси Хаук без двоумење понудила да биде сурогат мајка за нејзиниот син, откако на снаата морале итно да ѝ ја отстранат матката поради крвавење, па сега среќното семејство има нов член – ќерката Хана.
Џеф и Камбрија Хаук од САД отсекогаш сакале големо семејство и денес имаат пет деца.
Откако ги добиле третото и четвртото дете, кои се близначиња, тие сакале да имаат уште едно дете, но Камбрија морала да направи хистеректомија – операција за отстранување на матката.
Парот речиси се откажал од намерата за уште едно дете, кога мајката на Џеф – 56-годишната Ненси Хаук – понудила да им биде сурогат мајка.
Џеф и Камбрија не ни помислиле на оваа опција и биле пресреќни што Ненси би се нафатила на таков предизвик. Па, сега тие имаат уште едно дете – ќерката Хана.
Џеф и Камбрија откриле дека имаат проблеми со плодност речиси веднаш откако се венчале.
За среќа, со помош на асистирано оплодување, Камбрија двапати останала бремена и родила два пара близнаци.
Но, набрзо по второто породување, Камбрија почнала да крвави, по што ѝ била направена итна хистеректомија.
По процедурата, парот почнал да размислува за нивните опции да имаат уште едно дете.
Бидејќи тие имале замрзнати јајцеклетки, мајката на Џеф речиси веднаш им понудила да биде сурогат мајка.
На почетокот Џеф и Камбрија биле скептични – поради возраста на Ненси, стравувале дека бременоста би била премногу ризична за неа.
Но, штом се консултирале со лекар кој им кажал дека Ненси е во одлично здравје и бременоста би поминала без проблем, тие се согласиле.
Во интервју за People, Ненси открива дека сега чувствува посебна поврзаност со Хана, но истакнува дека никогаш не би ги делела внуците.
„Сакам моите внуци да знаат дека ги сакам исто и дефинитивно би направила сè за нив“.
Сепак, Ненси вели дека ѝ било малку чудно што го родила детето, но потоа не го однела дома како нејзино.
„Породувањето помина совршено и благословени сме што Хана е дел од нашето семејство. Но, се соочувам со нови емоции поради тоа што родив дете што не го однесов дома. Чувствувам некоја мешавина од неизмерна благодарност и тага поради разделбата“.
Ненси открива и дека сепак била исплашена дали бременоста ќе помине добро.
„Мојот најголем страв беше дека ќе го изгубам бебето, дека ќе му ја одземам шансата за живот поради мојата возраст“.
И сопругот на Ненси е пресреќен за новата внука, а и тој вели дека ова е ново искуство за сите нив.
„Одамна имаме внуци, но со Хана сме на нова територија. Нема да ја третираме поразлично, но со неа секогаш ќе имаме посебна поврзаност – таа беше во стомакот на Ненси девет месеци.
Во нашите очи, магијата на целото искуство секогаш ќе биде уникатна“.
Спирова С. | Црнобело