Кралот Чарлс ќе решава мистерија стара 540 години - сака да го разоткрие најсвирепото убиство во кралското семејство
- Детали
- сабота, 15 октомври 2022
Кралицата Елизабета со години не дозволувала да се „сквернават“ останките на децата, но Чарлс сака да дозволи научниците да си ја завршат работата и да се докаже еднаш засекогаш што се случило со двете дечиња и дали е вистина дека нивниот чичко ги убил за да стане крал.
„Убиството на принцовите во Кулата“ важи за едно од најсвирепите убиства во британската кралска историја, опишано во една од трагедиите на Шекспир, а со децении наназад се шпекулира за тоа што се случило со двете момчиња на 12 и 9 годишна возраст кои исчезнале по смртта на нивниот татко кралот Едвард Четврти.
Според трагедијата на Шекспир, братот на кралот Едвард Четврти, Ричард, го убил кралот, а потоа двата принца ги заклучил во кула и ги убил со цел да стигне до тронот. Според многумина ова е едно од најсвирепите убиства во кралското семејство.
Според други, пак, станува збор за пропаганда што е неточна и била проширена со цел да се уништи угледот на кралот Ричард Трети.
Официјално се знае дека по смртта на кралот Едвард Четврти во 1483-та година, неговиот брат Ричард бил прогласен за старател на двата млади принцови, но тие набрзо потоа исчезнале. Истата година Ричард Трети бил прогласен за крал, а загинал во битка.
Неговото тело било пронајдено при градежни ископувања во 2012-та година и било погребано без почести.
Голем број научници и историчари во последните четири години чекаат дозвола да направат ДНК анализи на останките на четири момчиња што биле најдени во Лондонската кула во 1600-тите години и во Виндзорската палата во 1700-тите, а за кои се претпоставува дека постои голема можност дека се на принцовите.
Целта им е да ги споредат ДНК примероците со оние на Ричард Трети и еднаш засекогаш да докажат дали принцовите биле убиени, или пак е точна теоријата дека кралот ги прогонил принцовите и им дозволил да живеат анонимно.
Останките во моментов се сместени во кралските гробници и научниците со години чекаат дозвола од владетелот за да може да ги направат истражувањата.
Додека кралицата Елизабета не сакала да дозволи да се направи испитување, Чарлс нема да има проблем да се дозволи истражувањето.
Со оглед на тоа што новиот англиски крал студирал археологија, сосема е јасно зошто тој застанува на страна на науката и сака еднаш засекогаш да се открие што навистина се случило со двете млади момчиња.
Б. С. Б. | Црнобело