„Пораснав во религиозно опкружување, и по 20 години брак сексот со сопругот го сметам за грев“
- Детали
- недела, 16 октомври 2022
„Ни беше наметнато сфаќањето дека е подобро да стапите во брак, отколку да чувствувате возбуда. Не нѐ учеа за биологијата на сексот, за согласноста, па и откако стапивме во брак со сопругот верувавме дека правиме грев“ – вели жената која споделува колку тоа што пораснала во екстремно религиозно опкружување ѝ наштетило во животот.
Во 90-тите години во Америка голем замав зема религиозното движење True Love Waits (Вистинската љубов чека) чија главна цел била да проповеда апстинирање од предбрачни сексуални односи за тинејџерите и студентите, а голем број млади луѓе што денес се во 30-тите и 40-тите години од животот биле дел од ова учење.
Американската писателка Рејчел Гарлингхаус е мајка на четири дечиња од афроамериканско потекло, а досега објавила повеќе книги во кои ги споделува сопствените искуства како родител на посвоени дечиња.
Рејчел исто така со години наназад говори и за тоа како религиозното опкружување во кое пораснала влијаело врз нејзиниот живот.
Според неа, религизоното убедување дека „сексот е грев“ ги остава луѓето без основните знаења поврзани со здравиот сексуален живот.
Таа претходно сподели дека кога наполнила 13 години и само што ја добила првата менструација веднаш станала дел од религиозното движење што било популарно во САД, па сподели колку тоа „ограничено“ учење ѝ наштетило во животот.
„Не ја знаев анатомијата на женскиот репродуктивен систем. Немав идеја зошто постарите членови во движењето се смееја кога ќе се спомнеше бројот 69. Никогаш не видов како изгледа кондом.
Се плашев да имам секс заради религиозни причини, но и затоа што ми беше страв дека ќе останам бремена или ќе добијам некоја болест. Не го знаев името на полово преносливите болести, а не одев ниту на гинеколог“ – рече таа.
Неодамна таа напиша нов текст на оваа тема, што беше објавен во Insider.