Жена има брада поради синдром на полицистични јајници: „Ме навредуваат и ме прашуваат дали сум маж, но не ја отстранувам“
- Детали
- среда, 12 октомври 2022
„Не сакам да си го уништувам лицето со депилации и бричење бидејќи влакната пак ќе пораснат. Немам контрола над нив и решив да ги прифатам“, вели 40-годишната Ларае од Калифорнија која од тинејџерските години има синдром на полицистични јајници, поради што ѝ растат густи влакна на лицето.
Синдромот на полицистични јајници е релативно честа појава и предизвикува низа несакани симптоми. Еден од највидливите симптоми е појавата на темни, густи, влакна по целото тело, вклучувајќи го и лицето.
Токму овој симптом може да предизвика проблеми со самодовербата на жените и тие се практично немоќни. Единствено им останува да ги отстрануваат влакната со депилација или бричење и мораат да го прават тоа постојано.
Но, сè почесто слушаме за жени со слични нарушувања кои „креваат раце“ од стандардите за убавина и одлучуваат да престанат со бричење и депилација на лицето.
Ваква е и приказната на 40-годишната Ларае Перкинс од Калифорнија.
Ларае има синдром на полицистични јајници кој ѝ бил дијагностициран на 12-годишна возраст. Поради ова, таа целиот живот има густи, темни влакна на нејзиното лице кои наликуваат на брада.
„Симптомите направија да се чувствувам осамено, засрамено, различно, обесхрабрено, збунето и тажно“, вели Ларае која додава дека честопати се случувало луѓето бесрамно да ја прашаат дали е маж.
Но денес Ларае е горда на нејзината брада и вели дека не планира да си ја оштетува кожата со бричење и депилација само за да ги исполни стандардите за убавина на другите.
„Кога ми ја кажаа дијагнозата, единствено ми кажаа дека имам повисоко ниво на машки хормони во телото.
Поради синдромот, имам нередовни менструални циклуси. Во тинејџерските години пиев таблети за контрацепција за да ми се регулира менструацијата“.
Во 30-тите години Ларае дознала дека синдромот на полицистични јајници предизвикал и хируситзам - нарушувањето кое е одговорно за појавата на влакна на лицето.
Кога на телото и лицето на Ларае почнале да растат многу густи влакна, таа се чувствувала осамено најмногу бидејќи ниту една жена од нејзиното семејство го нема ова нарушување.
„Всушност целиот живот имам хирсутизам, но дури во 30-тите дознав како се вика. Во моето семејство нема историја на синдром на полицистични јајници или хирсутизам. Околу 70-80% од жените со синдромот имаат и хирсутизам“.
„Моментално не правам ништо во врска хирустизмот. Третманите вклучуваат отстранување на влакната со ласер, депилација со восок и бричење. Но, не сакам да си ги уништувам кожата и лицето бидејќи кога-тогаш влакната повторно ќе почнат да растат.
Немам контрола над нив. Важно ми е како изгледам и не сакам да имам кожа со иритација од бричење или депилација“.
Ларае истакнува дека до денес се соочува со критики на сметка на изгледот, но ги користи за да ја зголеми свесноста за жените во иста положба како неа.
Односно, ги користи за да докаже со што мораат да се соочат жените кои немаат контрола над некој аспект од нивното тело.
„Добивам и позитивни и негативни коментари. Се фокусирам само на позитивните, а негативните ги користам како поттик да продолжам да ги едуцирам луѓето за оваа состојба“.
„Најмногу ме повредуваат луѓето кои ме прашуваат дали сум маж или жена. Низ годините морав да научам да ги поднесувам критиките и да научам да ја избирам среќата наместо незнаењето на луѓето. Почнав да ја сакам личноста што ја гледам во огледалото, ѝ кажувам дека е убава.
Најубави коментари добивам од пријателите и семејството, но и некои странци. Ми кажуваат работи како: Убава си каква што си, Ја сакам твојата храброст, Силна си, Не секоја жена ја има оваа храброст...
Луѓето можат да бидат сурови, но јас се надевам дека мојата приказна ќе ги инспирира другите да се прифатат себеси“.
Ларае има и совет за сите жени кои имаат синдром на полицистични јајници и/или хирсутизам:
„Научете сè што можете за нарушувањата, тестирајте се, и запрашајте се што ви е поважно – осудите на општеството, или вие самите?“
Спирова С. | Црнобело