Англичанка (57) била украдена од мајка ѝ и однесена во Нов Зеланд - по 53 години успеала да си го најде биолошкото семејство
- Детали
- сабота, 15 октомври 2022
Сузан (57) од Англија била украдена од пар од Шкотска пред 53 години. Иако звучи морничаво, парот ја одгледал како сопствена ќерка и Сузан вели дека имала прекрасен живот. На 16 години таа ја дознала вистината, а дури сега, на 57-годишна возраст, првпат го видела биолошкото семејство откако била украдена.
Пред 53 години, тогаш 4-годишната Сузан Џервејз била украдена од нејзините родители и целиот живот мислела дека тие се откажале од неа и ја дале на посвојување.
Сега, на 57 години, таа конечно го видела нејзиното биолошко семејство.
Во 1969 година, Сузан и нејзиното биолошко семејство живееле во мало гратче во Англија, каде што сретнале пар од Шкотска.
Парот ѝ предложил на мајката на Сузан да ја однесат на патување во Дизниленд и ветиле дека потоа ќе ја вратат дома.
Поради некоја причина, мајката на Сузан помислила дека ова е добра идеја и се согласиле. Таа дури и им дала копија од изводот на родени на Сузан.
Но наместо во Дизниленд, парот ја однел Сузан во Канада, потоа во Австралија, а на крај во Нов Зеланд каде што ја одгледале како нивна ќерка.
Иако приказната звучи морничаво, Сузан вели дека „новите родители“ се грижеле многу добро за неа и ја разгалувале. Единствено ја лажеле дека биолошките родители се откажале од неа и ја дале на посвојување.
Дури на 16-годишна возраст Сузан дознала дека била украдена од нив.
Оттогаш Сузан сонувала дека ќе го сретне нејзиното вистинско семејство и дури неодамна успеала да го најде на Фејсбук.
Па, годинава отишла во Англија и ги видела првпат по 53 години.
„До 4-годишна возраст живеев со шесте браќа и сестри во многу стара куќа. Мајка ни сама се грижеше за нас, па постојано нè носеа во домови за сираци. Тогаш го запознав парот од Шкотска, мажот и жената што подоцна ги нарекував родители.
Имаа два сина и мислам дека сакаа ќерка. Ја прашаа мама дали може да ме однесат во Дизниленд и таа им даде копија од мојот извод на родени“.
Тој период малолетните деца можеле да патуваат од една во друга држава само со извод на родени, без потпишана дозвола од нивните родители.
„Ме однесоа во Канада, потоа Австралија, а на крај во Нов Зеланд. Тоа им бил планот, а не да ме носат во Дизниленд“.
Сузан открива дека „новите родители“ постојано патувале, па таа имала можност да го види целиот свет. Таа вели и дека „новата мајка“ имала мултипла склероза и починала кога Сузан имала десет години.
Сузан дознала дека не била посвоена, туку украдена, кога сакала да си извади пасош за да оди во Австралија. Тогаш имала 16 години, односно била малолетна.
„Аплицирав за пасош но ми рекоа дека ќе треба и потпис од мајка ми или татко ми. Тогаш тато ми кажа дека не сум посвоена, туку украдена“.
Бидејќи немала како да допре до потпис од вистинските родители, Сузан го чекала 18-тиот роденден за да си извади пасош.
Потоа, на 19-годишна возраст се преселила во Австралија каде што го запознала сопругот со кого има три деца.
„Таткото“ на Сузан починал кога таа имала 21 година.
„Не бев многу емотивно погодена кога дознав дека сум била украдена. Си продолжив со животот. Дури кога некој ме праша како би се чувствувало моето семејство во Англија ако го запознаам, почнав да размислувам за тоа“.
Сопругот ја натерал Сузан да почне да го бара биолошкото семејство на Фејсбук, и таа открила дека сите освен мајка ѝ се живи и живеат во истото гратче во Англија.
„Кога зборував со моето семејство, тие плачеа од среќа бидејќи сум жива“.
Сузан веднаш заминала во Англија и вели дека планира да остане таму до крајот на овој октомври.
Таа вели и дека не знае зошто биолошкото семејство не пробало да ја најде.
„До денес не знам зошто не била вклучена полицијата. Мислам дека мајка ми им дозволила да ме земат бидејќи јас, браќата и сестрите постојано одевме во домови за сираци.
Сепак, таа неколкупати ме пријавила за исчезната и честопати одела да ме бара на местото од каде што ме зедоа“.
Бидејќи биолошката мајка на Сузан починала пред осум години, таа смета дека никогаш нема да ја знае точната причина за нејзината одлука.
Сепак, Сузан е среќна што барем имала можност да ги запознае другите членови од семејството.
„Ова е знак за сите кои изгубиле некој – некогаш навистина се случуваат чуда. Секогаш има надеж“, вели таа.
Спирова С. | Црнобело