Зошто кралицата на Данска ги остави внуците без титули, па им се извини?
- Детали
- вторник, 04 октомври 2022
Минатата недела кралицата на Данска соопшти дека ќе им ги одземе титулите на внуците од помалиот син, но оваа одлука наиде на остри реакции. Нивните родители сметаат дека ова е казна и истакнуваат дека сега децата се малтретирани од јавностa и на училиште. На крај, кралицата реши да се извини.
Додека некои членови на британското кралско семејство, како Хари и поранешниот крал Едвард, сами се откажуваат од титулите и предизвикуваат раздор во монархијата, кралицата на Данска смета дека e правилна одлуката таа да им ги одземе титулите на нејзините внуци, па тоа и го направила.
Минатата среда, 28-ми септември, кралицата Маргарет од Данска изјави дека ќе им ги одземе титулите на принцот Николај (23), принцот Феликс (20), принцот Хенрик (13) и принцезата Атина (10).
Кралицата Маргарет
Односно, од 1-ви јануари 2023 година, нивните титули ќе бидат грофови и грофица.
Таткото на четирите деца е помалиот син на кралицата – принцот Јоаким. Двете постари деца се од поранешната сопруга, а двете помали - од сегашната.
Принцот Јоаким со сопругата и четирите деца
Кралицата има уште четири внуци од постариот син кои ќе си ги задржат титулите, бидејќи тие се деца на идниот крал и за секое од нив постои можност да го наследи тронот.
Најстариот син на кралицата, наследникот на тронот, со сопругата и децата
Кралицата изјави дека причината за оваа одлука е нејзината желба да им овозможи нормален живот на внуците. Односно, да им помогне самите да си го изградат животот без да бидат ограничувани од правилата на монархијата.
Кралицата со внуците на кои им ги одзеде титулите
Сепак, првата сопруга на принцот Јоаким, која е мајка на двете постари деца, изјави дека била шокирана од одлуката на кралицата.
„Оваа одлука дојде од никаде. Децата се чувствуваат исклучено. Не можат да разберат зошто им е одземен идентитетот“.
Набрзо потоа се огласи и принцот Јоаким кој откри дека неговиот однос со кралицата и брат му е комплициран.
Принцот Јоаким и брат му, со сопругите
Сегашната сопруга на принцот, пак, принцезата Мери, откри дека поради оваа одлука, нејзината ќерка била малтретирана на училиште.
„На училиште ѝ велат на Атина: ти ли си таа која веќе не е принцеза“.
Принцот Јоаким и сопругата
Принцезата вели дека одеднаш сите четири деца се нашле во центарот на вниманието, а со тоа се и мета на критики и злобни коментари.
И таа и сопругот истакнуваат дека кралицата им кажала за нејзината одлука само пет дена пред да ја соопшти со јавноста.
„Децата како да беа изложени во јавноста. Ние, како родители, немавме време да ги подготвиме за промената и реакциите на луѓето“.
Принцот Јоаким со децата и сопругата
Принцот Јоаким е убеден дека ова е казна за неговите деца:
„Можам да кажам дека моите деца се тажни. Не знаат што да мислат. Не знаат во што да веруваат. Зошто мора да бидат казнети на овој начин?
Не сакам да ширам шпекулации и лаги. Ја кажувам вистината… Мене ми кажаа пет дена пред да ја соопштат одлуката со јавноста.
Имав пет дена да им кажам на децата дека на Нова година, нивните идентитети ќе им бидат одземени. Многу ми е жал за моите деца“.
Сепак, кралицата тврди дека за оваа одлука се зборувало многу долг период и не е никаква новина во тесниот круг на семејството.
„Ова е нешто за коешто размислувам многу долг период и сметам дека ќе биде добро за нивната иднина. Тоа е единствената причина за мојата одлука“.
Но, на крај, кралицата одлучи јавно да се извини за целиот скандал.
Неполна недела откако ја соопшти одлуката, таа му се извини на семејството, но истакна дека сепак го направила вистинскиот избор.
„Изминативе неколку денови имаше многу силни реакции за мојата одлука за титулите на четирите деца на принцот Јоаким. Тоа, секако, има влијание врз мене. Долго размислував за мојата одлука.
Со 50 години на тронот, нормално е да гледам назад и напред. Моја должност и моја желба како кралица е да се осигурам дека монархијата секогаш ќе се менува во зависност од времињата. Некогаш, ова значи дека мора да се донесат тешки одлуки, а секогаш ќе биде тешко да се најде вистинскиот момент.
Имањето кралска титула вклучува бројни обврски кои во иднина ќе ги имаат помалку членови на кралското семејство. Ова адаптирање, кое го гледам како неопходно за иднината на монархијата, сакам да се случи во мое време.
Донесов одлука како кралица, мајка и баба, но, како мајка и баба потценив колкаво влијание ќе има ова врз мојот помлад син и неговото семејство. И, за тоа, се извинувам.
Никој не треба да се сомнева дека моите деца, снаи и внуци се моја голема радост и гордост. Сега се надевам дека ние, како семејство, ќе најдеме мир и ќе ја надминеме оваа ситуација“.
Данското кралско семејство
Сè уште нема изјави од другите членови на кралското семејство по извинувањето на кралицата.
Спирова С. | Црнобело