Англиска авиокомпанија со нов, необичен кодекс на облекување – и мажите можат да носат здолништа и штикли (фото)
- Детали
- петок, 30 септември 2022
Авиокомпанијата Virgin Atlantic ќе им дозволи на вработените сами да одберат дали ќе носат панталони или здолниште, без разлика дали се мажи или жени. Што мислите за овој потег?
Авиокомпанијата Virgin Atlantic соопшти дека нивните стјуардеси, пилоти и други вработени можат да одберат каква униформа ќе носат, во зависност од тоа во што се чувствуваат најудобно.
Додека некои компании ги нормализираат патиките наместо штикли за жените во униформите, во оваа авиокомпанија, отсега жените, но и мажите ќе можат да избираат помеѓу здолниште и панталони, па дури и штикли.
Компанијата ги сподели новостите објавувајќи неколку видеа на социјалните мрежи.
„Нашите униформи дизајнирани во 2014 година од Вивиен Вествуд се направени за сите. Новиот кодекс за униформи им овозможува на луѓето да ја носат униформата која им одговара и со која можат да се искажат.
Сакаме да создадеме околина на свесна инклузија и да им овозможиме на луѓето да го покажат своето вистинско јас на работа и кога патуваат со нас“, стои во описот на една од објавите.
https://www.instagram.com/p/CjFYRVBrt1B/
Од компанијата велат дека сакаат да ја покажат разновидноста на нивниот тим и да им помогнат на сите да бидат свои.
Исто така, вработените ќе можат да носат и значка на која ќе бидат напишани личните заменки што ги преферираат, како „таа“ или „тој“, а шминката нема да биде задолжителна.
https://www.instagram.com/p/CjCvl95uUQR/
Неодамна, компанијата ги промени и правилата за тетоважи.
Како во сите авиокомпании, до мај годинава, стјуардесите и пилотите кои работат за Virgin Atlantic не смееја да имаат тетоважи на видливо место.
Сега, како стјуардеси и пилоти можат да работат и луѓе кои имаат тетоважи кои не можат да се скријат под униформата.
„Сакаме сите да бидат свои и да се чувствуваат прифатено. Многу луѓе ги користат тетоважите за да ги покажат нивните уникатни идентитети и нашите колеги не треба да бидат исклучени од тоа“, велат од компанијата.
Сепак, засега уште постои забрана за тетоважи на лицето и вратот, но наводно планираат да го променат и тоа правило.
Секако, и тетоважите кои прикажуваат голотија, оружје, дрога, пцости и слично, остануваат забранети.
Интересно е што новите правила, особено правилото за униформи, наидоа на огромна поддршка од јавноста.
Што мислите вие?
Спирова С. | Црнобело