На 18-годишна руска инфлуенсерка ѝ се закануваат 6 години затвор затоа што користи Инстаграм - била опасна по државата
- Детали
- вторник, 27 септември 2022
„Во предупредувањето стои дека се соочувам со казна од 6 години затвор затоа што користам Инстаграм и ‘се истакнувам премногу’. Јас сум 18 годишна блогерка што зборува за мода“ – вели руската инфлуенсерка Вероника Логинова, на која руската полиција брутално ѝ упадна во домот затоа што не престанала да користи Инстаграм.
Вероника Логинова (18) е руска инфлуенсерка на која ѝ се заканува затворска казна во Русија затоа што продолжува со објави на социјалните мрежи, откако компанијата сопственик на Фејсбук и Инстаграм, Мета, беше прогласена за екстремистичка во Руската Федерација.
Според руските власти, објавите на инфлуенсерките што објавуваат модни содржини на Фејсбук и Инстаграм се сметаат за опасни за државата.
Вероника која од свои 15 години објавува содржини на социјалните мрежи во кои зборува за модата, психологијата и промовира производи, деновиве во објава посочи дека била предупредена од властите дека се соочува со затворска казна за екстремизам.
Таа објави фотографија од предупредувањето, а во подолга објава појасни со каков проблем се соочува. Нејзината објава е избришана од Инстаграм, но е пренесена во дел од руските медиуми:
„Сега, затоа што имам профил на Инстаграм се соочувам со затворска казна од 6 години.
Добро утро, се разбудивте во Русија.
Иако не е вообичаено да зборуваме за ова, сепак ќе кажам:
На 17-ти август бев во Париз и ми се јави мајка ми која со растреперен глас ми кажа: ‘Дојдоа од полиција и те бараат’. Мојот 14-годишен брат, пак се обидува да сфати што се случува воопшто и зошто двајца возрасни мажи стојат во влезот со предупредување.
Во предупредувањето стои дека се соочувам со казна од 6 години во затвор затоа што користам Инстаграм и ‘се истакнувам премногу’.
Сериозно? Јас сум 18-годишна блогерка што зборува за мода. Јас сум бизнис девојка што плаќа даноци во сопствената држава. Јас сум личност што им пружа поддршка на лицата што се соочуваат со психолошки проблеми и никогаш не сум говорела за политика.
Да. Така. Живееш. Правиш убави фотографии, креираш бизнис, им помагаш на луѓето и не допираш никого.
Но, живееш во Русија и иако има милион други блогери тие доаѓаат на твојата врата. Не преувеличувам кога велам дека мојот адвокат со милион години работно искуство за првпат се соочува со ваков проблем“ – пишува Вероника.
Инаку во март годинава руските власти воведоа забрана за користење на социјалните мрежи што се во сопственост на Мета, компанијата што беше обвинета за екстремистички активности.
„Преземањето активности на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм и објавувањето содржини на овие мрежи, вклучително и рекламите, може да се смета за облик на учество во активностите во екстремистички организации и повикување неограничен број луѓе да се вклучат“ – стои во новите законски регулативи во Русија.
Погледнете неколку фотографии од Вероника во продолжение:
Б. С. Б. | Црнобело