Се откажуваат од сѐ свое и „постојат“ само за својот принц – цената која ја плаќаат жените кои се мажат во кралското семејство
- Детали
- петок, 16 септември 2022
„Наместо да ужива во мирот од залезот на годините Камила треба да се справува со новите одговорности, Кејт никогаш не смее да покаже негативни емоции и е силна како карпа, а Меган за првпат има вистинска можност да види што значи да се биде дел од кралското семејство“ – Колку жртвуваа четирите жени за да се омажат за принц?
Една стара поговорка вели дека не се мажиш само за човекот што го сакаш, туку се мажиш и за неговото семејство, без разлика дали тоа ти се допаѓа или не, а бракот во кралското семејство, по сè изгледа не е брак од бајките.
Деновиве, додека траат деновите на жалост во Британија и подготовките за погребот на кралицата Елизабета, која почина во четвртокот (08.09.) вниманието на светската јавност е свртено како врз машките членови на семејството, идниот крал и неговите браќа и синови, така и врз жените во семејството...
Но, зошто никаде не го видовме зетот на кралицата? Знаете дека таа има и една ќерка, принцезата Ана, која е омажена за Тимоти Лоренс, пензиониран адмирал во британската морнарица.
Тука се поставува прашањето: „Зошто фокусот секогаш е свртен на жените што се мажат во кралското семејство, а не на мажите што се женат и дали жените жртвуваат повеќе за да стапат во брак со својот принц, отколку мажите што се женат за принцеза?“
Колумнистката Џан Мојер за Daily Mail пишува колумна во која се осврнува на улогите на жените во кралското семејство и за тоа колку секоја од нив требало да жртвува за да биде дел од најпознатото семејство во светот.
Деновиве имавме можност да ги видиме четирите највисоки претставнички на британското кралско семејство во една линија.
Секоја од нив во беспрекорно, елегантно издание, со црни хулахопки и црна облека, а на секоја од нив по вљубувањето во својот принц или војвода, животот им се промени во целост.
Камила денес е кралица придружничка, која е сопруга на кралот и која по долги години врска со човекот што го сака, сега доби сосема поинаква улога.
„Сè што Камила некогаш сакаше е Чарлс. Ништо повеќе. Таа не сакаше престиж, големи палати, титули и централна церемонијална улога во државата, ниту пак сакаше да ја има можноста да го споделува статусот на монарх. Таа само сакаше да биде со него, иако беше несреќно омажена за друг маж.
За да бидат заедно, Чарлс и Камила мораа да претрпат јавна осуда и презир. Сега, кога треба да уживаат во залезот на нивната врска – тие повторно се најдоа во центарот на вниманието“ – пишува таа.
Според авторката, силата на Камила може да се забележи и во инцидентот со пенкалото, кога Чарлс почна да се однесува како дете и да се жали за тоа што му дале расипано пенкало.
„Таа само го зема неговото пенкало, му го подаде на помошникот, зема друго, а потоа седна и се потпиша во книгата на посетители, без да покаже дека е вознемирена“ – пишува Џан.
Прочитајте и Од љубовница на принцот до кралица – Како Камила помина долги години на трансформација за да ја добие титулата?
Веднаш по Камила е Кејт. Девојката која беше студент по историја на уметност и која во последните години успеа самата да се развие во идна кралица со неверојатна самодоверба и дисциплина.
„Таа мораше да заборави на безгрижните денови на обичен смртник кога се омажи за Вилијам, а ако жали за нешто, тоа никој не може да го забележи“ – вели Џан.
Прочитајте и Како Кејт Мидлтон докажа дека може да биде камен темелник на монархијата, на погребот на принцот Филип?
Трета е Софи, сопругата на третиот син на кралицата, Едвард, која од девојка која работеше во маркетинг, со својот успешен брак успеа да стекне голема доверба кај својата свекрва и да стане нејзина најголема поддршка во последните години од животот.
Прочитајте и Кралицата има омилена снаа – Како Софи Весекс ѝ стана главна потпора во тешките мигови?
На крај, тука е Меган, новата војвотка на скандалите, која помина многу повеќе време во војна со кралското семејство од кој било друг.
„Можеби сега, откако е дел во овие огромни јавни случувања, таа конечно ќе може да сфати што значи да се биде дел од кралското семејство и дека семејството на нејзиниот сопруг не е толку лошо и покрај сè“ – вели таа.
Како и да е, сопругите на членовите на кралското семејство постојано се во фокусот на јавноста, а за мажите што се женат во семејството е сосема поинаку.
„Принцот Филип беше единствен затоа што успеа самиот да изгради цврста цел за себеси и да покаже дека улогата на сопруг придружник не е бесцелна.
Сопругот на принцезата Ана, целосно го нема затоа што, речиси на никој и не му е гајле за него...?“ – вели Џан и посочува дека на мажите што се женат во семејството многу малку им се менува животот, и тоа најчесто на подобро.
За жените, пак, е сосема поинаку. Мора да се признае дека на жените воопшто не им е лесно кога стануваат дел од ова семејство.
Нивното постоење целосно останува во сенка на нивните сопрузи, а речиси и да не добиваат никакво признание за целиот труд што го вложуваат.
На крајот на краиштата, нивната улога станува слична на онаа на „кралицата“ во шахот, мора да прават сè што можат за да го заштитат нивниот „крал“ (или принц).
Б. С. Б. | Црнобело