Зошто кралот Чарлс има многу отечени прсти на дланките (поради кои некогаш е мета на твитерџиите)?
- Детали
- понеделник, 12 септември 2022
Сега кога повторно е во центарот на вниманието, јавноста забележа дека кралот Чарлс речиси постојано има отечени дланки, па многумина се загрижија за неговото здравје. Сепак, експертите велат дека најверојатно не станува збор за ништо сериозно и ова е само промена што доаѓа со годините.
Уште пред повеќе од една година јавноста забележа дека кралот Чарлс има необично дебели прсти на дланките.
Сега, пак, кога е во центарот на вниманието откако го наследи тронот, онлајн повторно се разгоре дебатата за неговите прсти и причината за нивниот изглед.
Во 2018 година, принцот Вилијам се пошегува на сметка на изгледот на прстите на Чарлс, во неговиот говор по повод 70-тиот роденден на кралот.
Вилијам изјави дека се надевал дека „прстите како колбаси на Чарлс ќе престанат да пишуваат толку многу писма, за тој да може да поминува повеќе време со внуците“.
Дури и самиот Чарлс го спомна изгледот на неговите дланки во 2012 година, што значи ова е проблем со којшто се соочува подолго време.
Всушност, многумина се убедени дека Чарлс не се соочува со никаков сериозен проблем, па ја користат можноста да се пошегуваат на негова сметка.
„Прстите на Чарлс изгледаат како да сум ги нацртал јас во основно“.
prince charles’ fingers look like i drew them in middle school https://t.co/oJUVVM5Bi2
— k e i t h 🐤🥔 (@KeetPotato) June 13, 2020
Пред околу четири месеци, на Редит беше споделена фотка од дланките на кралот Чарлс.
Тогаш еден корисник на сајтот кој тврди дека е студент по медицина изјави дека најверојатно станува збор за едема, односно акумулирање течности во ткивата.
За Daily Star, лекарот Гарет Нај тврди дека можеби станува збор за истата причина:
„Едема е состојба во која телото почнува да задржува течности во екстремитетите, најчесто во нозете и глуждовите, но и во прстите, поради што тие отекуваат“.
Лекарот вели дека жените се посклони на оваа состојба, најмногу поради женските хормони.
Според него, кај постарите луѓе, како Чарлс, оваа состојба може да се јави по долго седење. А, кај кралот Чарлс потечените дланки се најизразени на фотографии направени по долги летови.
Истиот лекар вели и дека кај лица над 60 години, оваа состојба може да биде предизвикана од артритис.
„Артритисот е честа појава кај луѓето над 60 години. Поради артритисот, прстите можат да станат вкочанети, болни и отечени. Иако има лекови кои ја намалуваат болката, отоците можат да останат“.
Лекарот вели дека постојат и други причини за оваа појава, како одредени лекови, но истакнува дека во случајот на Чарлс, веројатно нема простор за грижа.
„Дефинитивно не треба да бидеме загрижени за неговото здравје поради отечените прсти и ова веројатно е само поради неговата возраст“.
Според WebMD, постојат многу причини зошто се јавуваат отоци на прстите.
Покрај задржувањето течности, и вежбањето, особено на високи температури, може да предизвика отоци. Но, ова е сосема нормална појава и не треба да биде причина за загриженост.
Отоците можат да бидат и несакан ефект од некои лекови, како аспирин, стероиди, одредени лекови за дијабетес и висок крвен притисок, како и хормонални терапии. Наводно, и ова не е загрижувачко.
Исто така, отечените прсти можат да бидат знак за проблеми со бубрезите, а во овој случај се јавуваат и отоци на стапалата и околу очите.
Постојат и други болести и нарушувања кои предизвикуваат отоци во дланките, а обично се придружени со други симптоми карактеристични за тие болести.
Наводно, и јадењето многу солена храна може да предизвика отоци бидејќи тогаш во телото се задржуваат повеќе течности.
Спирова С. | Црнобело