Од љубовница на принцот до кралица – Како Камила помина долги години на трансформација за да ја добие титулата?
- Детали
- петок, 09 септември 2022
Принцот Чарлс јавно призна дека имал афера со неа додека беше во брак со Дијана. Камила некогаш беше најомразената жена во Британија и во светот, а денес, по барање на кралицата Елизабета Втора ќе стане кралица консорт (придружничка). Како изгледаше нејзиниот процес на трансформација?
Со прогласувањето на Чарлс (73) за крал, по смртта на Кралицата Елизабета Втора, се поставува прашањето која титула ќе ја носи неговата сопруга Камила (75). Жената која со години беше љубовница на принцот, од денес ќе стане придружничка на кралот, односно Кралица консорт (придружничка).
Во едно минато време, доделувањето на оваа титула на Камила ќе се сметаше за мошне контроверзна одлука, затоа што долго време таа беше обвинувана дека го растурила бракот на Чарлс и принцезата Дијана.
Во моментот кога нивната афера беше обелоденета Камила се соочи со голем број критики. Од смртта на Дијана во 1997-ма година до стапувањето во брак на Чарлс и Камила во 2005-та година поминаа 8 години, но и тогаш нејзината идна титула беше предмет на низа шпекулации и контроверзии.
Во февруари годинава кралицата Елизабета Втора најави дека по нејзината смрт Камила ќе стане Кралица придружничка.
„Кога ќе заврши моето време, мојот син Чарлс ќе стане крал, знам дека нему и на неговата сопруга Камила ќе им ја дадете истата поддршка што ми ја дадовте мене и моја најголема желба е, кога времето ќе дојде Камила да стане кралица придружничка додека ги извршува сопствените должности“ – рече тогаш Елизабета.
Од денес (09.09) Чарлс ќе стане најстариот крал во Британија, а Камила застанува до него.