Како изгледа животот во африканското племе Мбути, каде жените се главни?
- Детали
- четврток, 08 септември 2022
Додека целиот свет ги користи технолошките придобивки, племето Мбути живее во прашумите на реката Конго, каде ги користи само знаењата стекнати со векови наназад. Жените, кои се високи само 137cm се токму оние што ловат и го носат пленот во селото и обезбедуваат храна.
Жителите на ова племе се припадници на автохтоното средноафриканско население познато како пигмеи и потекнуваат од густите шуми Итури во североисточните предели на реката Конго, а живеат во мали колиби направени од гранки и лисја.
Интересно е што ова племе преживува само благодарение на вештините за ловење на жените во племето, што важат за најниски жени во светот.
Мбути се ловци и собирачи на храна што на секои две недели се селат во друг дел од бескрајната африканска прашума со цел да обезбедат храна.
Според антрополозите, се смета дека тие се најраните жители на Африка, а познати се и како деца на шумата, а се верува дека во моментов племето има околу 40 илјади жители.
За Мбутите, шумата е свето место, а штом научат да зборуваат веднаш ја учат песната за шумата.
Во племето главната улога ја имаат жените што се задолжени за сите животни активности, а нивните способности се неопходни за лов. Мажите поставуваат замка во облик на мрежа, додека жените најчесто го носат пленот во селото.
Улогата на жените е да го намамат животното и да го задржат во мрежата, за мажот да може да го прободе со копје.
Овие жени стигнуваат височина од само 137cm, а истражувачите сметаат дека кај нив функцијата на хормонот за раст била ограничена за да може да се прилагодат на предизвиците на прашумата.
Сите одлуки се носат по пат на консензус, каде еднакво право на глас имаат мажите, жените и децата. Најголем грев што жителот може да го направи е да го доведе племето во опасност, а најтешката казна е прогонство од племето.
Тие имаат посебни ритуали поврзани со сексуалниот развој на членовите во племето. Така по првата добиена менструација девојчињата една недела се затвораат во колиба каде со најблиските жени во посебна колиба разговараат за сите аспекти на мајчинството, сексуалните односи и преминувањето во светот на возрасните.
Ако девојката по оваа недела се чувствува подготвена, тогаш може да тргне во потрага за своето момче.
Машките припадници, пак, за да влезат во светот на возрасните мора да поминат процес на болно обрежување, што се чува во најголема тајност.
Б. С. Б. | Црнобело