Бајка од реалноста: Останала слепа на 18 години, го запознала него, ѝ помогнал да го врати видот – денес ѝ е сопруг
- Детали
- четврток, 25 август 2022
„Беше ужасно ненадејно да се разбудиш и да не можеш да гледаш и за миг да станеш зависен од помошта на другите. Плачев 6 месеци и мислев дека никогаш нема да можам да ги видам лицата на моите идни деца...“, ја почнува својата приказна Софија Кора, која на патот на закрепнувањето ја запознала љубовта на својот живот.
Софија Кора oд Мексико на само 18 години, во август 2017 година, го изгубила видот и тоа навистина брзо, само неколку месеци откако за првпат почнала да има проблеми со видот.
На Софија ѝ било дијагностицирано кератоконус. Кератоконус е најчеста дегенеративна промена на рожницата која добива конусен облик.
Оваа болест се манифестира со истенчување и испакнување на рожницата во вид на конус, а како последица на ова испакнување, светлината неправилно се прекршува кога влегува во окото поради што се случува и изобличување на сликата, кое тешко се коригира со oчила.
„Беше ужасно ненадејно да се разбудиш и да не можеш да гледаш и за миг да станеш зависен од помошта на другите. На почетокот помислив дека е напад на некаква алергија. Појдов на училиште, но сфатив дека не можам да читам.
Плачев 6 месеци и мислев дека никогаш нема да можам да ги видам лицата на моите идни деца. Беше навистина тешко да се приспособам на новонастанатата ситуација, но бев одлучна во тоа.
Потоа, се преселив за да студирам психологија во Колорадо. Додека студирав го запознав Кристијан Кора и веднаш станавме пријатели. Тој ме поддржуваше постојано додека бев слепа, се грижеше за мене и правеше да се чувствувам убаво.
По многу читање за мојата состојба тој откри дека постои операција со која можам да го коригирам видот. Но, проблемот беше што чинеше многу пари, па Кристијан започна хуманитарна акција за мене за да ги собере средствата.
За само 5 седмици собра пари и во октомври 2018 имав операција. Враќањето на видот одеше бавно и постепено. Морав да носам леќи и процесот беше напорен, но во август 2019 видот ми се врати.“
Софија и Кристијан биле во контакт цело време и таа сфатила колку специјално се чувствува крај него, па му кажала како се чувствува и отпатувала да го види.
Кога го видов неговото лице за првпат воопшто не бев разочарана, бев преплавена од емоции. Беше дури поубав од што замислував. Му кажав дека се вљубив во него и тој ми кажа дека го чувствува истото.
Но, Софија (24) вели дека во Кристијан (25) се вљубила пред сè како во личност.
Кристијан пак за неа вели: „Уште кога ја запознав видов дека е борец и дека не го користи слепилото како изговор.“
Парот почнал да се состанува во октомври 2020, а Кристијан ја запросил на замрзнато езеро во јануари 2021 година.
„Кристијан ми беше поддршка во најтешкото, тоа нè зближи навистина. Нашата љубов е едно прекрасно патување. Уживаме во бракот и заедничкиот живот.“
С. С. | Црнобело