„Бев во врска со 10 години помлад дечко – Зошто никогаш повторно не би влегла во таква врска, иако сексот беше одличен?“
- Детали
- недела, 04 септември 2022
„Одлучив да му дадам шанса. Се чувствував како повторно да имам 20 години. Неговото тело беше силно, имаше силно либидо и начинот на кој што ме гледаше направи да се чувствувам посебно“ – вели оваа жена во својата исповед за врската со 10 години помлад маж. Зошто решила никогаш повеќе да не влегува во такви врски?
Се чини дека во последно време врските каде мажот е неколку години помлад од жената, конечно се нормализираат.
Бен Афлек и Џеј Ло, Бритни Спирс и Сем Ашгари, Емануел и Брижит Макрон, Ким Кардашијан и Пит Дејвидсон...
Радио водителката и новинарка Џана Хокинг (36) напиша еден подолг текст објавен и во New York Post каде зборува за своето искуство од врската со 10-тина години помлад маж, кој, како што вели бил во 20-тите години, кога таа имала 30.
Зошто по оваа кратка авантура Џана одлучила дека никогаш повеќе нема да биде во врска со некој што е многу помлад од неа?
Прочитајте го нејзиниот текст во целост:
„Мислам дека е безбедно да кажам дека сум имала исполнет и разновиден љубовен живот. Всушност, кога луѓето ќе ме прашаат каков ‘тип’ мажи сакам имам проблем за да им дадам одговор.
Сум била во врска со богати, со обични работници, со високи, црни и згодни, со русокоси, со мажи со брада... Кажете некој тип на маж, сигурно сум пробала да бидам во врска и со таков.
Така што кога ги слушнав вестите, заедно со останатиот свет, дека Ким Кардашиан (41) и Пит Дејвидсон (28) раскинале, почнав да размислувам за врските каде постои голема разлика во годините на партнерите.
Претходно сум говорела за моето искуство за врска со постар маж, но кога ги слушнав гласините дека Ким раскинала со Пит затоа што тој не бил доволно зрел, почнав да размислувам за мојата кратка авантура со помлад маж.
Само што наполнив 30 години и само што ми го скршија срцето, па одлучив да се спакувам и да се преселам на другиот брег на Австралија и да почнам од почеток и да започнам нова кариера во радио.
Со оглед на тоа што никогаш не сум патувала надвор од Сиднеј, оваа ненадејна одлука мошне ме погоди кога се најдов себеси сама во нов (многу помал) град и без пријатели.
Ги прифаќав сите понуди што ги добивав за излегување по работа, со цел да стекнам нови пријатели. Не ни помислував на романтични врски, затоа што срцето ми беше скршено и за среќа поголемиот број мажи со кои што работев беа хомосексуалци.
Така беше, сè додека една вечер радиото не беше домаќин за една поп ѕвезда што беше во градот и сите отидовме на една забава со многу пијачки.
Еден од промотерите застана до мене додека седев на шанк, а негова работа беше да подава студени лименки со сок за време на настани за слушатели и да извршува други полесни работни задачи со цел да го промовира радиото на слушателите.
Тоа е меѓу најниско позиционираните работни места во медиумите и обично тоа го работат студенти, а тој беше студент.
Откако испи неколку пива за да собере храброст почна да ме поттурнува со колковите и ми рече: ‘Многу си згодна!’
Се смеев и го погледнав уште еднаш. Секако, тој беше многу згоден и да бев и јас студентка сигурно веднаш ќе полудев по него, но кога ги погледнав неговите крупни сини очи и нежното лице, дојдов до заклучок дека тој е околу 8 до 10 години помлад од мене и дека е премногу млад за мене.
Флертував со него кратко време, затоа што сум таква по природа, а потоа го избегнував во текот на целата вечер. Сепак, не очекував дека ќе ми се допадне чувството што се јавуваше секојпат кога ќе погледнев и ќе сфатев дека тој се обидува да воспостави контакт со мене.
Во следните неколку недели, кога и да дојдеше во канцеларија се обидуваше да разговара со мене, или ако бев во програма, ќе поминеше покрај прозорецот и смело ќе ми одмавнеше со раката.
Ах, самодовербата на младите мажи што учат како да флертуваат. Почна да станува забавно и се уловив себеси дека се радувам на следните средби со него.
Така, следниот пат кога излеговме на пијалак по работа одлучив да му дадам шанса. Нема ништо лошо во тоа да се забавуваш со симпатично момче. Дојде кај мене дома, и се бакнувавме во мојата дневна соба, а се чувствував како повторно да имам 20 години.
Неговото тело беше силно, имаше силно либидо и начинот на кој што ме гледаше направи да се чувствувам посебно.
Не очекував дека ќе останам будна цела ноќ во кревет и ќе се смеам со него, а и целиот следен ден. Никогаш не ми се допаѓало кога момчето ќе остане и следниот ден. Не сакам појадок, време е да си одам дома!
Затоа фактот што толку многу уживав во негово друштво и неговиот свеж поглед на свет навистина ме изненадија. Во следните неколку недели само им се препуштив на чувствата. Излеговме на неколку состаноци, тој остануваше често кај мене и се зближивме.
Но, откако помина сјајот на почетната фаза почнав да забележувам некои работи што беа производ на големата разлика во години, а кои едноставно не можев да ги игнорирам.
Неговата облека мирисаше, затоа што, како голем број мажи на негова возраст, ја оставаше да се исуши во машината за перење, наместо да ја стави на жица.
Се лутеше затоа што секогаш одевме кај мене дома, а не во станот каде што тој живееше со уште неколку цимери. Не, не можев да си замислам да седнам на појадок заедно со уште неколку момчиња на 20-годишна возраст во сабота.
Последен удар беше моментот кога неколку пријатели од Сиднеј дојдоа да ме посетат за викенд. Излезе со нас на вечера и додека ние пиевме вино и разговаравме за кариерите и за амбициите во животот, погледнав во него и видов дека го фаќа паника и тогаш сфатив дека ние сме во целосно различни раздобја од животот.
Јас инсистирав да се видиме со неговите пријатели во локалниот ноќен клуб по вечерата, се обидов да му објаснам дека сме во различни периоди од животот и дека треба да почне да се гледа со други жени, а дека ќе останеме добри пријатели.
Како што често се случува кога се гледаш со некој што има 20 и нешто години, тој не го прифати добро раскинувањето и следните неколку недели беа тешки!
Тогаш решив дека никогаш повеќе нема да се гледам со помлади мажи, туку ќе се држам до оние на моја возраст или постари.
Иако кратко време ми се допаѓаше чувството, сфатив дека таквите врски имаат премногу драма за мој вкус.“
Б. С. Б. | Црнобело