Народот му гладува, а тој и неговите 15 жени живеат во луксуз – Што знаеме за кралот на Есватини?
- Детали
- понеделник, 15 август 2022
Имал 60 браќа, а на 18 години насилно дошол на власт. Се проценува дека е еден од најбогатите кралеви кој во еден ден купил 19 автомобили Rolls Royce за себе и за своите 15 жени, додека народот му гладува. Кој е Мсвати Трети, кралот на Есвантини?
Есватини е мало кралство што се наоѓа во источниот дел на Јужна Африка, кое во целост е опколено со други поголеми земји и дели граница со Мозамбик. Се протега на површина од 17.364km2 и важи за едно од најмалите кралства во светот.
Сепак, иако е мошне мало, неговиот крал Мсвати Трети привлекува внимание со тоа што има значајно полуксузен живот од останатото население, каде има висок број на заболени од ХИВ и СИДА, но и голем број население што страда од глад и сиромаштија.
Кралот Мсвати Трети е член на кралската династија Свази и е роден во 1968-ма година, а на само 18 години во 1986-та година станал крал на тогашен Свазиленд кој подоцна го промени името во Есватини.
Мсвати е еден од над 60-те синови кои претходниот крал Собхуза ги добил со своите многу жени. Примарното образование го завршил во Свазиленд, а потоа бил пратен во Англија каде продолжил со образованието.
Кралот Собхуза починал во 1982-ра година, кога Мсвати имал 14 години, а требало да чека да наполни 21 година за да седне на тронот. Сепак по борба за превласт во кралското семејство, Мсвати успел на 18 години да стане крал и на денот на своето крунисување се оженил за првата од многуте жени.
До својот 40-ти роденден Кралот Мсвати имал над 12 жени, а денес има околу 15 жени. Тој е еден од ретките кралеви во Африка кој освен што е владетел, почнал да се занимава и со бизнис.
Во 2004-та година добил 20 отсто од провајдерот за мобилни услуги MTN Swaziland. Во 2009-та година според Forbes кралот Мсвати беше вброен меѓу 15-те најбогати владетели во светот со богатство од 200 милиони долари.
Во ноември 2018-та година тој купил 12 автомобили Rolls Royce за него и за кралското семејство, што наиде на големи критики.
Минатата година на социјалните мрежи се појавија и фотографии од луксузниот авион на кралот, по што тој веднаш им изрече казна на неговите чувари затоа што ја нарушиле неговата приватност.
Додека неговото население гладува кралот очигледно сака да ужива во луксуз, барем кога станува збор за превозните средства што ги користи.
Б. С. Б. | Црнобело