Скандалозна приказна од реалноста: „Се сликав гола и фотките ги зачував на мејл – ми ги објавија на сајт за возрасни и коментираа погрдно“
- Детали
- петок, 29 јули 2022
„Се фотографирав сама во приватноста на мојата соба, немаше доволно меморија во телефонот и фотографиите ги зачував на мејл, не бев ниту свесна како моите фотографии завршија на веб сајт за возрасни“ – вака започнува приказната на една девојка, која била само една од жртвите на „најомразениот човек на Интернет“, за кој е објавен нов документарец на Нетфликс.
Најновиот документарен филм на Netflix, The Most Hated Man on the Internet, ја следи приказната на неколку лица кои во периодот од 2010-та до 2012-та година биле понижувани и злоупотребени на Интернет, откако нивните разголени фотографии се нашле на веб страната IsAnyoneUp.com.
Многу поодамна пред кај нас да се случи „Јавна соба“, светот беше згрозен од еден друг американски веб-сајт, кој имаше слична намена – објава на разголени фотографии од непознати луѓе, а потоа линчување, омаловажување и јавно исмевање на жртвите.
Кајла Лавс (35) од Калифорнија, САД е една од жртвите што отворено говори за својата приказна - откако се фотографирала гола во приватноста на сопствената соба и фотографиите ги зачувала на мејл, била шокирана кога по само неколку дена дознала дека нејзините фотографии се нашле на веб-страната IsAnyoneUp.com.
Зад скандалозната веб-страна стоел Хантер Мур, т.н. крал на порно снимките за одмазда.
Самиот велел дека веб страната ја започнал како информативен портал за забави и слично, но откако сакал да ѝ се одмазди на бившата девојка одлучил да објави разголени фотографии од неа.
Кога забележал дека за една недела веб страната добила 14.000 нови прегледи, одлучил дека таа е насоката каде што треба да се движи, односно упатил повик до сите што сакаат да им се одмаздат на поранешните девојки или дечковци да му испратат разголени фотографии и тој ќе ги објави.
Веб-страната IsAnyoneUp.com сама по себе била скандалозна. На неа можеле да се забележат разголени фотографии на малолетни лица, на жена во инвалидска количка, па дури и на жена што лежела на кревет во болница по операција.
На почеток се чинело дека никој не може да го запре Хантер, кој во тоа време бил вистинска ѕвезда со огромен број следбеници, што одговарале на неговите предизвици, снимале бизарни видеа што ќе бидат објавени на неговата веб-страна.
Дополнително, Хантер јавно се појавувал на телевизија, давал интервјуа, ги промовирал јавно содржините што ги објавувал, а велел дека тој не е виновен за ништо, односно дека тој само ги објавува фотографиите што му ги испратиле трети лица.