Син за пример: Две години ја растел својата коса за да ѝ направат перика на мајка му која боледува од тумор на мозокот
- Детали
- понеделник, 25 јули 2022
Две и пол години синот ја чувал косата која била мошне слична со природната коса на неговата мајка, за да ја скратат и од неа да направат перика. Како ова момче направило сѐ за да ја усреќи својата мајка која боледува од тумор на мозокот?
Мелани Шаха од Аризона САД е мајка на шест деца, која во 2018-та година во целост ја загубила косата по радиотерапија заради тумор на хипофизата.
Таа се бори со злокобната болест од 2003-та година, кога за првпат имала операција на мозокот, за во 2006-та повторно да мора да ја оперираат.
Во 2017-та година, болеста и по третпат се вратила и тогаш лекарите ѝ препишале терапија со зрачење (радиотерапија), по што таа целосно ја загубила косата, но и останатите влакна на лицето и главата.
„Кога немаш коса, отскокнуваш од средината и лошите коментари од луѓето те повредуваат. Не ми пречи тоа што сум болна, но не сакам сите да знаат дека сум болна. Сакам да се стопам со средината и не сакам сите да зјапаат во мене“ – вели таа.
Така, еден ден додека ручале со нејзиниот син Мет (27), тој се пошегувал дека ќе ја расте косата за да ѝ направат перика од неа.
Мет, кој од сите деца во семејството имал најслична коса со неговата мајка, цели 2 и пол години не ја крател косата, сѐ додека не постигнал должина од околу 30 cm.
Освен што ја израснал сопствената коса, Мет платил 2.000 долари за да ѝ ја изработат периката на мајка му, а таа е пресреќна од резултатот.
„Знаете, ги изгубив веѓите, ги изгубив трепките на очите, ја загубив косата, па ова беше неверојатен подарок што ми помогна да изгледам понормално и кога излегувам да не отскокнувам од средината затоа што изгледам невообичаено, туку да се вклопам и да бидам убава. Се чувствувам прекрасно“ – вели таа.
Инаку, кај пациентите што имаат терапија со зрачење честопати се случува косата да опадне, но истата повторно да порасне по 3 до 6 месеци.
Но, има и такви случаи кај пациентите што примале посилна терапија, косата што ќе порасне да биде мошне оштетена или воопшто да не порасне.
Мелани е пресреќна што благодарение на синот, денес има можност повторно да се гледа себеси со коса, како што некогаш изгледала нејзината природна.
Б. С. Б. | Црнобело