Неверојатна фото-споредба: Маж со хронична болест и жолтица пред и откако му направиле трансплантација на црниот дроб
- Детали
- петок, 15 јули 2022
Гарет Викс од Шкотска сподели неверојатна фото-споредба на која покажува како изгледал пред и по трансплантација на црниот дроб. Поради хронична болест на црниот дроб, тој имал жолтица и кожата и очите му биле жолти, но сега почнува да се враќа во нормала.
Жолтицата е состојба поради која кожата и белките на очите добиваат жолта нијанса. Причината за ова е високото ниво на билирубин во организмот.
Билирубинот е пигмент со жолта боја кој се создава при нормалното разградување на црвените крвни клетки. Овој пигмент потоа минува низ црниот дроб, па се исфрла од телото.
Но, кога има проблеми со црниот дроб, во организмот може да се зголеми нивото на овој пигмент, поради што очите и кожата стануваат жолти.
Ова му се случило на 37-годишниот Гарет Викс од Шкотска, откако бил дијагностициран со хронична болест на црниот дроб.
Гарет ја добил дијагнозата пред шест години, а лани лекарите му рекле дека ќе мора да направат трансплантација. Во спротивно, веројатно немало да преживее.
Цели седум месеци, Гарет и неговото семејство чекале да се појави погоден донор. Во тој период, неговата жолтица станувала сè поинтензивна.
Откако нашле донор, пет дена пред трансплантацијата, Гарет направил фотографија на која може да се воочи до кој степен е стигната жолтицата.
За среќа, трансплантацијата поминала одлично, па Гарет направил уште една фотографија, со цел да направи споредба.
Тој ја сподели споредбата на неговиот Твитер профил, со цел да им покаже на другите во слична положба дека има надеж за закрепнување.
„Сега ситуацијата ми е многу подобра – но ова немаше да се случи без прекрасниот тим експерти и сите кои ми помогнаа.
Ако немаше донор кој ми подари толку прекрасен подарок, искрено не знам каде би бил сега и како би ми изгледал животот“.
Гарт вели дека првпат почнал да се чувствува лошо во 2016 година. Но, тогаш помислил дека е само преморен бидејќи со сопругата добиле дете.
Уште тогаш му се појавила жолтица, а чувствувал и болки во стомакот и грбот. Кога отишол на лекар, му рекле дека има мали проблеми со црниот дроб, како и камења во бубрезите.
Но, по неколку прегледи лекарите утврдиле дека има хронична болест на црниот дроб.
„Лекарот веднаш ми рече да не ја пребарувам болеста на Гугл, но секако дека не го послушав. Се сеќавам дека прочитав дека оваа болест го зголемува ризикот од појава на рак, но и дека ќе живеам најмногу 12 години ако не ми направат трансплантација.
Во тој момент не можев да мислам на ништо позитивно – имав 32 години, имав сопруга, но и мало бебе“.
Во 2021 година состојбата драстично му се влошила, па лекарите го ставиле на листата на чекање за трансплантација. По неколку месеци, Гарет добил донор.
Операцијата била успешна, но Гарет вели дека го чека долг пат додека целосно да закрепне и дека извесен период ќе мора да пие 16 различни лекови дневно.
„Ќе помине време додека да се вратам во нормала и иако сега изгледам подобро, сепак чувствувам неудобност и немам многу енергија.
Но, благодарение на дарежливоста на мојот донор и неговото семејство, повторно сум возбуден за мојата иднина“.
Гарет вели дека засекогаш ќе му биде благодарен на донорот и истакнува дека тој е негов херој.
Спирова С. | Црнобело