Се оженил за водителката што го критикувала, се откажале од борбата со неплодност – Факти за поранешниот јапонски премиер кому му беше извршен атентат
- Детали
- петок, 08 јули 2022
Неговиот дедо бил премиер за муниција за време на Втората Светска војна. Во 1987-ма година се оженил за Аки Абе, која додека работела како радио-водител остро ги критикувала неговите политики. Се бореле со неплодност, но не успеале да добијат деца - Факти за поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе, кому му беше извршен атентат.
За време на политичка кампања, поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе денес (петок, 08.07) беше застрелан со два куршуми по што итно беше пренесен во болница, а атентаторот веднаш беше уапсен.
По неколкучасовна борба за живот, поранешниот јапонски премиер, кој во 2020-та година се повлече од функцијата заради здравствени причини, им подлегна на повредите и почина во 67-мата година од животот.
Шинзо Абе ќе остане запомнет како најдолгогодишен премиер на Јапонија, кој беше на таа функција од 2006-та до 2020-та година.
Како премиер дојде на возраст од 52 години, пришто тој воедно е најмладиот премиер на Јапонија по Втората Светска војна.
Во продолжение неколку факти за поранешниот јапонски премиер, кој трагично го загуби животот:
Во време на Втората светска војна, дедото од мајчина страна на Шинзо Абе, Нобусуке Киши бил заменик министер за муниција, а важел за „економски крал“. По завршувањето на војната Киши бил осуден како воен криминалец од страна на САД.
По ослободувањето од затвор, Киши ја основал Демократската партија на Јапонија и бил премиер во периодот од 1957-ма до 1960-та година.
Шинзо Абе во 1987-мата година се оженил со Аки Абе, богата јапонска наследничка чиј татко ја поседувал најголемата компанија за чоколада во Јапонија.
Аки се образувала на најпрестижните универзитети, а во доцните 90-ти почнала да работи како радио-водител и била мошне популарна затоа што отворено јавно ги критикувала политиките на нејзиниот сопруг.
Аки во една прилика откри дека на почетокот на бракот имале третмани за неплодност и дека се обидувале да стекнат потомство, но потоа се откажале.
„Сметам дека морам да ја прифатам мојата судбина дека сум сопруга на политичар кој стана премиер и дека не бевме благословени да имаме деца“ – рече таа во една прилика.
Инаку, познато е дека Шинзо Абе беше голем поддржувач и пријател со поранешниот амеркинаски претседател Доналд Трамп, кој се огласи веднаш по вестите за атентатот:
„Абе ми беше вистински пријател. Се молиме за него и за неговото семејство“ – рече Трамп во официјалната изјава.
Б. С. Б. | Црнобело