Се сруши трибина во Колумбија за време на борба со бикови – загинало бебе, властите бараат забрана за вакви настани (фото+видео)
- Детали
- понеделник, 27 јуни 2022
Борба со бикови која се одржа во недела, 26 јуни, заврши трагично откако се сруши дел од трибината со публика - загинаа четворица, има стотици повредени, а властите истакнуваат дека овие борби треба да се забранат бидејќи не е првпат да настрадаат луѓе.
За време на борба со бикови се сруши дел од дрвена трибина при што загинаа четворица, а стотици луѓе останаа повредени.
Трагедијата се случи во областа Толима, Колумбија за време на традиционален настан познат како „corraleja“, каде што луѓето од публиката влегуваат во рингот и се борат со бикови.
CBS News пренесува дека на трибината имало 800 луѓе во моментот кога се срушила, а според локалните власти загинати се две жени, еден маж и 18-месечно бебе.
По настанот, над 300 луѓе побарале помош во локалните болници. Четворица веќе биле на интензивна нега, а двајца закрепнувале од операција.
Борбата со бикови, иако е еден вид традиција во Колумбија, веќе станува контроверзен настан, најмногу поради страдањето на кое се изложени биковите, но и опасноста со која се соочуваат луѓето од публиката.
Всушност, по трагедијата, гувернерот на областа изјави дека апелирал да се стави крај на борбите со бикови, но не бил послушан.
Со сличен став е и Густаво Петро – новиот претседател на Колумбија чиј мандат треба да почне оваа година – кој истакнува дека не е првпат ваков настан да заврши трагично.
„Ги замолувам сите градоначалници да ги забранат настаните кои вклучуваат смрт на луѓе и животни“, вели Густаво, пренесува CBS News.
Од настанот е објавено и потресно видео на кое се гледа како се урива трибината и луѓето пробуваат да се спасат.
Спирова С. | Црнобело