„Вашите идни крал и кралица“ – објавен првиот заеднички портрет на Кејт и Вилијам со провокативен наслов
- Детали
- четврток, 23 јуни 2022
Со темнозелен фустан што го носеше во 2020 година, Кејт Мидлтон изгледа совршено на првиот официјален насликан портрет со принцот Вилијам.
Денес, 23-ти јуни, беше претставен првиот официјален насликан портрет на Кејт Мидлтон и принцот Вилијам.
Портретот се наоѓа во музејот Fitzwilliam кој е во склоп на Универзитетот во Кембриџ.
На официјалниот портрет Кејт е насликана со зелен фустан што го носеше за време на важна посета на Даблин во 2020 година. Фустанот чини 2.300 долари.
Познатиот британски медиум DailyMail меѓу првите ја сподели веста за портретот, и тоа со доста провокативен опис на објавата на Фесјбук: „Вашите идни крал и кралица“.
Според уметникот што ја насликал сликата – Џејми Корет – портретот крие голема симболика.
На пример, обетките и нараквицата што ги носи Кејт на портретот се накит што го добила принцезата Дијана од нејзиното семејство по повод венчавката со принцот Чарлс.
Огромниот брош, пак, ѝ припаѓал на принцезата Августа, која исто како Кејт ја носела титулата војвотка од Кембриџ.
И стајлингот на Вилијам крие интересни детали – бојата на неговата кравата е позната како Cambridge blue, или „сина од Кембриџ“. Бојата го добила името од облеката што обично ја носат спортските тимови на Универзитетот Кембриџ.
„Бидејќи ова е првиот насликан портрет што ги прикажува заедно, сакав сликата да предизвика чувство на рамнотежа помеѓу нивниот јавен и нивниот приватен живот“, вели уметникот.
Секако, Кејт и Вилијам присуствуваа на претставувањето на портретот, а како и секогаш војвотката изгледаше беспрекорно.
Кејт одбрала фустан со дезен на кој доминира сината боја, во комбинација со светлосино сако и чанта и штикли со потемна сина нијанса.
Според Daily Mail, портретот ќе стои во музејот три години, а потоа ќе биде изложуван во разни галерии.
Спирова С. | Црнобело