Јапонец 30 години живее сам на изолиран остров, гол и јаде само ориз - не можел да се снајде во цивилизација
- Детали
- среда, 22 јуни 2022
Масафуми (86) од Јапонија поминал 30 години од животот сам, на изолиран јапонски остров, пред властите да го присилат да се врти во цивилизацијата во 2018-та. Сега конечно добил дозвола да се врати назад на островот.
Масафуми Нагасаки од Јапонија го привлече вниманието на јавноста во 2018 година кога јапонските власти го натераа да се врати во цивилизацијата откако поминал 30 години изолиран на остров.
Масафуми има 86 години и 30 години од животот поминал сам на јапонскиот остров Сотобанари. Ова е изолиран остров и ретко кој го посетува, најмногу поради силните морски струи во неговата околина.
Старецот бил „откриен“ од Алваро Черезо – авантурист кој патува низ светот и бара изолирани дестинации за патување. Во 2014-та тој ги истражувал изолираните острови на Јапонија, вклучувајќи го и оној на Масафуми.
„Поминав неколку дена на островот со него во 2014-та и дознав многу за неговиот начин на живот. Тогаш не го споделив интервјуто што го снимавме бидејќи ја почитував неговата приватност. Дури во 2018-та ја споделив неговата приказна, откако дознав дека бил присилен да го напушти островот“, вели Алваро.
Алваро го објавил интервјуто со надеж дека ќе му помогне на старецот да се врати на островот.
„Постојано ми велеше дека сака да умре на островот, па му беше тешко кога дозна дека ќе мора да го напушти“.
Според Алваро, оние што го пријавиле старецот кај властите мислеле дека е болен и дека итно му е потребна медицинска помош.
„Буквално го избркаа од островот. Некој го видел и му се чинело дека е болен. Се јавил во полиција, па го вратија во цивилизацијата. Масафуми не можеше ни да се спротивстави бидејќи беше слаб.
Јас мислам дека неговото здравје беше во ред, можеби имаше само настинка. Но, не му дозволуваа да се врати на островот“, изјави тогаш Алваро.
Алваро веднаш сфатил дека на старецот воопшто не му годи животот во цивилизацијата и сега конечно неговите напори се покажале како успешни – Масафуми добил дозвола да се врати на неговиот остров и сега повторно се наоѓа таму.
„Му беше многу тешко во цивилизацијата. Па, беше прекрасно кога успеавме да го вратиме. Три недели се состанував со лекари и локалните власти и конечно се согласија да го вратиме на островот. Штом му кажавме на Масафуми, скокаше од радост и се расплака од среќа. Беше радосен како мало дете кога дозна дека ќе се врати“.
Алваро вели дека брзиот начин на живот во Јапонија може да биде тежок за сите, особено за личност која е навикната на слобода каква што нуди островот на Масафуми. Истовремено, старецот не бил добро прифатен од локалците.
„Во општество како јапонското, ретко кој може да го разбере начинот на живот на Масафуми и неговата желба да живее гол на остров. Поради тоа, многу луѓе од неговото соседство го гледаа со презир и малку страв. Па, поголемиот дел од времето тој го минуваше криејќи се во неговата соба.
Кога се чувствуваше премногу заробено во собата, одеше да собира ѓубре од улицата бидејќи беше ужаснат од загадувањето и отпадот што го прават луѓето“.
Пред околу една деценија, Масафуми бил интервјуиран и од новинар на Reuters и тогаш открил некои детали од неговиот живот.
„Не го правам она што ми го налага општеството, туку ги следам правилата на природниот свет. Не можете да ја победите природата, па затоа треба да ѝ се потчинете. Тоа го научив кога дојдов овде“, изјавил тогаш Масафуми.
Според Reuters, најголемиот дел од времето тој го минувал без облека, а еднаш неделно одел до мало населено место во близина на островот каде што купувал малку храна и вода.
Тој одбивал да јаде месо и риба, па на островот исхраната му се состоела главно од ориз.
Масафуми не сакал да открие детали од неговото минато вклучувајќи и зошто одлучил да ја напушти цивилизацијата. Но, вели дека островот е местото на коешто сака да умре.
„Важно е да си најдете место на коешто сакате да умрете, а јас одлучив дека за мене островот е тоа место“.
Спирова С. | Црнобело