Топлес жена протестираше на Канскиот филмски фестивал против сексуалното насилство во Украина: „Престанете да нè силувате“ (фото)
- Детали
- сабота, 21 мај 2022
На Канскиот филмски фестивал, жена без облека протестираше против силувањата во Украина за време на војната – на градите ѝ беше нацртано украинското знаме, а на нозете имаше црвена боја која симболизира крв.
Вo петокот, на црвениот тепих на Канскиот филмски фестивал се појави топлес жена со украинското знаме нацртано на градите која протестираше против сексуалното насилство во Украина.
Жената, чиј идентитет не е познат, носеше само бели гаќи, а покрај украинското знаме, на нејзините гради имаше и натпис „Престанете да нè силувате“. Нозете и задникот ѝ беа прекриени со црвена боја која симболизира крв.
На видеата од настанот се гледа дека жената прво стои на црвениот тепих со црн фустан, пред да го соблече и да застане пред бројните фотографи и камермани. Неполна минута подоцна, неколку лица од обезбедувањето ја покриваат со сако и ја изнесуваат од настанот.
Протестот на жената е насочен кон сексуалното насилство што го трпат жените во Украина за време на руската инвазија.
Иако идентитетот на жената е непознат, според француската феминистичка група SCUM, таа е нивна активистка чија цел била „да ја осуди сексуалната тортура од која страдаат жените во Украина за време на војната“.
Според CNN, од Обединетите Нации побарале посебно да се истражуваат пријавите за сексуално насилство врз жените во Украина кои наводно само се зголемувале.
Спирова С. | Црнобело