Стјуардеса тврди дека Илон Маск ја допирал без дозвола во неговиот авион - ѝ платил 250.000 долари за да молчи
- Детали
- петок, 20 мај 2022
Според извори на Insider, во 2016 година Илон Маск ѝ ги покажал гениталиите на стјуардесата која работела на неговиот приватен авион, почнал да ја допира без дозвола и на крај рекол дека ќе ѝ купи коњ во замена за сексуални услуги. Кога го одбила, ѝ платил 250.000 долари за да молчи.
Во 2018 година, Илон Маск ѝ исплатил 250.000 долари на стјуардеса која работела на неговиот приватен авион, откако ѝ побарал сексуални услуги, па дури и почнал да ја допира и ѝ ги покажал гениталиите.
Приказната ја споделува Insider и наводно постојат документи и мејлови што ја потврдуваат. Исто така, од Insider зборувале со пријателка на жената која вели дека има како да ја потврди приказната.
Наводно, инцидентот се случил во 2016 година кога жената работела како стјуардеса на приватниот авион на милијардерот.
Некои од стјуардесите имале опција да стекнат и сертификат за масажа бидејќи Илон сакал на авионот да има и масери.
„Ја охрабрија да стане лиценциран масер. Ѝ кажаа дека со овој сертификат ќе може да работи почесто бидејќи ќе може да го масира Илон. Помислив дека е малку чудно бидејќи не ја вработија за да биде масер, туку стјуардеса. Но, таа беше среќна за работното место и можноста што ѝ ја нуди за патување“, вели нејзината пријателка.
Жената го стекнала сертификатот и во 2016-та, додека го масирала милијардерот, се случил инцидентот.
Бидејќи станувало збор за масажа за цело тело, Илон бил гол и покриен со крпа. Но, додека стјуардесата го масирала, тој се свртел и ѝ ги покажал неговите гениталии.
Тогаш почнал да ја допира на ногата и ѝ рекол дека ќе ѝ купи коњ во замена за сексуални услуги.
Жената, чиј идентитет Insider го крие, го одбила милијардерот, а подоцна ѝ ја раскажала случката на нејзината пријателка.
„Беше разочарана. Не знаеше што да прави. Мислеше дека ако се преправа дека ништо не се случило, нештата ќе се вратат во нормала. Но, почна да сфаќа дека ситуацијата има влијание – почнаа да ѝ ги намалуваат смените“.
Како што вели пријателката, стјуардесата била „казнувана од работодавецот бидејќи не сака да се проституира“.
Околу две години подоцна, во 2018-та, жената сфатила дека поради инцидентот, шансите за професионален напредок кај Илон се речиси непостоечки. Па, тогаш решила да се консултира со адвокат.
Адвокатот ја советувал да поднесе тужба бидејќи нејзиното достоинство било нарушено, но и бидејќи била уценувана. Сепак, случајот не стигнал до суд бидејќи Илон ѝ платил 250.000 долари во замена за нејзиниот молк.
Според договорот што го потпишале, жената не смеела ни да го спомне инцидентот на некого.
Пријателката на жената истакнува дека таа самата одлучила да зборува во нејзино име бидејќи и самата била жртва на сексуално вознемирување.
Бидејќи пријателката нема потпишано никаков договор, таа може слободно да зборува за она што го знае.
„Чувствував одговорност да го кажам ова, особено сега. Тој е најбогатиот маж во светот. Некој со толкава моќ предизвикува толкава штета, а потоа само фрла пари.
Тоа не е во ред. Има предатори низ целиот свет, но кога некој е моќен и богат, системот работи за него, па тој може да прави што сака“.
Од Insider велат дека го контактирале Илон Маск за ситуацијата, на што тој вратил дека ќе му треба повеќе време да размисли за одговор, како и дека имало уште многу детали од приказната што не се откриени.
Наводно, тој истакнал дека ако навистина направил нешто слично, досега тоа ќе се појавело во јавност. Исто така, тој сметал дека приказната е со цел да е наруши неговиот углед.
Спирова С. | Црнобело