20 години биле тајно во брак – Љубовната приказна на актерите што им го позајмија гласот на Мики и Мини
- Детали
- среда, 25 мај 2022
„Кога стапивме во брак, тоа го криевме затоа што сите почнаа да коментираат ‘Мики и Мини се венчаа’. Но, тоа не беа Мики и Мини, тоа беа Вејн и Руси“ – вака актерот што долги години му го даваше гласот на Мики Маус го коментираше бракот со неговата сопруга.
Кога ги креирал ликовите на Мини и Мики Маус, Волт Дизни самиот ги читал нивните гласови, а со текот на годините таа улога ја добиле повеќе други актери.
Вејн и Руси повеќе не се меѓу живите, но љубовната приказна за двајцата актери што со децении ги позајмувале гласовите на цртаните ликови со кои пораснаа голем генерации е уникатна.
Во анимираниот филм Мики и Мини Маус се постојано заедно, а никогаш не било разјаснето во какви односи се: дали се другари, дали се во брак или пак се во врска.
Волт Дизни во една прилика појасни дека Мини е главната девојка на Мики - кога во приказната е потребно додворување, тогаш таа му е девојка, а ако за приказната е потребен брачен пар, тогаш тие двајца се појавуваат како сопружници.
Сепак, блискиот однос на двајцата главни цртани јунаци се одразил и врз животите на актерите што долги години ги позајмувале нивните гласови.
Проследете ја љубовната приказна на овој пар:
Вејн Алвејн почнал да го позајмува гласот за Мики Маус во 1977-ма година, а девет години подоцна, во 1988-та година Руси Тејлор почнала да го позајмува гласот гласот за неговата „главна девојка“ Мини.
Руси во 2017-та година даде опширно интервју за магазинот Variety каде говореше за тоа како се запознала со љубовта на нејзиниот живот.
„Се запознавме во ходникот пред да го снимам Totally Minnie. Тој беше оженет и јас бев омажена во тој период. Ми рече: ‘Многу се радувам што конечно ќе имам Мини’, а јас му вратив: ‘Да, навистина е возбудливо’ и потоа се разделивме.
Тој не знаеше дека јас не сум среќна, а и јас не знаев дека тој не е среќен“ – вели таа.
Руси раскажува дека се сретнале неколку години подоцна откако, веќе и двајцата се имале разделено со поранешните партнери. Прво почнале да излегуваат заедно како пријатели, а потоа станале пар.
Двајцата актери стапиле во брак во 1991-ва година, кога тој имал 44 години, а таа 47, а бракот го чувале во најголема тајност.
„Кога стапивме во брак, тоа го криевме затоа што сите почнаа да коментираат ‘Мики и Мини се венчаа’. Но, тоа не беа Мики и Мини, тоа беа Вејн и Руси. Сакавме тоа да биде наша приказна, а не на ликовите што ги игравме“ – рече во една прилика Вејн.
Вејн и Руси биле постојано заедно. Честопати се случувало додека едниот го снима гласот во глувата соба, другиот да седи до него.
Така во една прилика некој ги прашал: Што ви е, да не сте залепени некаде што сте постојано заедно?, а Руси мудро му одговорила: Да, кај срцата“.
Руси и Вејн биле во брак 18 години, односно до смртта на актерот во 2009-та година. Приказната за нивниот брак тогаш стана јавна и сите останаа шокирани затоа што речиси никој не знаел дека актерите толку долго биле во брак.
Руси откри дека мошне тешко се справила со смртта на сопругот, а враќањето во студиото на Дизни било мошне тешко.
„Земав неколку недели одмор затоа што не можев да дишам. Тешко ми беше да работам со Брет кој го читаше гласот на Мики. Сакав да го слушнам гласот на Вејн секојпат кога ќе влезев во глувата соба“ – раскажа Руси.
Руси почина во 2019-та година, 10 години по смртта на нејзиниот сопруг, на возраст од 75 години. Таа за себеси велеше дека иако цел живот толкува многу познати ликови, никогаш не сакала да биде премногу позната и сакала да ја сочува сопствената приватност.
Б. С. Б. | Црнобело