Кралицата Елизабета со бастун и насмевка на настан по повод 70 години владеење - ги поби гласините за откажувањето од тронот
- Детали
- понеделник, 16 мај 2022
Во чест на кралицата Елизабета која годинава ја слави 70-тата годишнина на тронот, во Англија се организираат многу настани. Една од поважните прослави се одржа викендов, а според фотографиите, кралицата уште изгледа добро, и покрај проблемите со здравјето и гласините за откажување од тронот, на 96 години.
Платинестиот јубилеј на кралицата Елизабета со кој се означува 70-тата годишнина од нејзиното владеење се прославува неколку денови, а една од прославите траеше од 12 до 15 мај.
На последниот ден од прославата во замокот Виндзор присуствуваа и многу ѕвезди, вклучувајќи ги Том Круз и Хелен Мирен.
Поради проблемите со здравјето кои си доаѓаат со возраста, 96-годишната кралица периодов ретко се појавува во јавност и одложува многу важни обврски.
До последен момент било неизвесно дали воопшто ќе може да присуствува на настаните организирани за време на викендот, но таа сепак се појави и беше пречекана со огромен аплауз.
Всушност, извесен период постоеја гласини дека поради проблемите со здравјето, Елизабета ќе се откаже од тронот, но ова не е вистина и кралицата покажа дека уште е во добра форма.
На главниот настан Елизабета се појави во светлосин фустан и сива наметка. Таа носеше и бастун бидејќи наводно има тешкотии при одењето.
Од фотките, пак, се гледа дека кралицата вистински уживала во настанот организиран во нејзина чест. На скоро сите фотографии таа има широка насмевка и возбудено гледа кон бината.
Како што спомнавме, на настанот присуствуваше и Том Круз кој изјави дека е почестен што е поканет.
„Она што таа го постигна е историско. Таа се има сретнато со претседатели, светски лидери, секакви луѓе. Светот знае за нејзините достоинство посветеност и добрина“, вели актерот.
За време на настанот биле организирани неколку точки, како шоу со коњи, парада со војската и музички настапи.
Вилијам и Кејт не присуствуваа на овој настан бидејќи наводно се подготвуваат за турнеја низ Велика Британија по повод јубилејот.
На почетокот од јуни ќе има уште неколку прослави по повод платинестиот јубилеј на кралицата, кои ќе кулминираат со појавување на кралското семејство на препознатливиот балкон од замокот.
Иако постоеја шпекулации дека на балконот ќе се појават и Меган и Хари, според извори од блиското семејство ова нема да се случи. Сепак, голема е веројатноста тие да одат во Англија во овој период.
Спирова С. | Црнобело