Во Шпанија се планира жените да добијат 3 дена менструално отсуство од работа
- Детали
- петок, 13 мај 2022
Шпанските власти работат на закон според кој жените кои имаат многу силни менструални болки ќе можат да земат 3-дневно боледување. Боледувањето ќе можат да го земат со потврда од лекар.
Само жените со болни менструации знаат колку тешки можат да бидат овие неколку денови од месецот.
Покрај променливото расположение и крвавењето кое може да биде навистина обилно, овде се и болките кои за некои жени се неподносливи и не им дозволуваат да мрднат од кревет.
Факт е дека некогаш луѓето, посебно мажите, не разбираат каков предизвик може да биде менструацијата за некои жени, но изгледа ова почнува да се менува.
Имено, во Шпанија се работи на закон кој ќе им дозволи на жените со многу силни менструални болки да земат боледување од работа.
Овие жени ќе можат да земат 3-дневно боледување еднаш месечно, а доколку има потреба, може да се продолжи и до пет дена.
Според ВВС, шпанските медиуми дознале дека властите работат на ваков закон од нивни извори, а потоа политичарите потврдиле, но истакнале дека законот уште е во фаза на изработка и уште не се знае дали ќе стапи на сила.
Според она што го дознале медиумите, жените ќе можат да го искористат боледувањето со потврда од лекар.
Истовремено, се истакнува дека боледувањето ќе важи само за жени со навистина интензивни болки кои им претставуваат проблем за извршувањето на работата и секојдневните обврски.
Доколку законот стапи на сила, ќе биде прв од овој тип во Европа. Ваков закон има во многу малку држави ширум светот, вклучувајќи ги Јапонија, Индонезија и Јужна Кореја.
BBC пренесува дека овој закон е дел од нов пристап на шпанските власти според кој менструацијата ќе се третира како здравствена состојба.
Во негов склоп, има план да се отстрани данокот на продуктите за менструација, како влошки и тампони, но и да се обезбедат бесплатни продукти во училишта и затвори.
Што мислите, дали и кај нас е потребен некој ваков закон?
Спирова С. | Црнобело