Пар од САД се борел со неплодност па добиле петорка: „Тешко е, сите пари ги трошиме на пелени“
- Детали
- сабота, 14 мај 2022
„Никогаш не ни е здодевно, нема време за да ни биде здодевно“ - вели Бренда, која по вонтелесно оплодување добила петорка. Бебињата веќе имаат една година, а мајката открива дека иако се пресреќни со нивните деца, проблем им е тоа што се соочуваат со големи финансиски предизвици.
Бренда Рајмундо (29) и Алехандро Ибара (28) од Тексас, САД се бореле со неплодност, а по успешното вонтелесно оплодување добиле вест каква не очекувале – дека ќе станат родители на пет бебиња.
Како што раскажува Бренда, тие знаеле дека со вонтелесно оплодување може да добијат повеќе деца истовремено, но мислеле дека ќе имаат две или три деца, но не и пет.
Нивните пет бебиња биле родени точно пред една година, на 17-ти мај 2021, во 31-вата недела од бременоста заради што престојувале неколку недели на одделот за предвреме родени бебиња, а од 30-ти јуни 2021-ва семејството во целост се преселило во нивниот дом во Далас.
„Сметам дека тие се мирни бебиња, немам премногу работа со нив. Да, знаат да бидат вознемирени како секое дете, кога се гладни или кога им се спие, но очекував дека ќе имам повеќе обврски“ – вели Бренда.
Открива дека понекогаш може да се случи сите пет бебиња да почнат да плачат истовремено, а таа точно знае кое од нејзините пет деца плаче.
Како што вели, секое од нив е различно и има различни интереси: Амара и Лелани сакаат книги, Алекс е поприврзан со мајка му и сака постојано да го држат во раце, Тони сака да се расправа со другите, а Умберто постојано истражува и шета низ куќата...
За среќа, Бренда има голема помош од нејзината мајка Мариа Акоста (49), а заради големиот финансиски товар во моментов живеат во нејзиниот дом.
Две од децата навечер спијат со бабата, а другите три со родителите.
„Ова е прекрасно искуство, што не сум можел ниту да го замислам. Беше мошне неочекувано и тешко, а станува уште потешко“ – вели таткото Алехандро кој работи како трговец со автомобили и со старо железо.
Како што вели, во моментов најголеми главоболки им создаваат трошоците за пелени, а честопати добиваат донации од добронамерни луѓе што им помагаат за да се грижат за децата.
Мајката Бренда се надева дека еден ден ќе работи како агент за недвижности и ќе биде во можност да купи сопствен дом.
Животот со бебињата не им дозволува премногу да излегуваат, а Бренда воопшто не размислува за тоа децата да почне да ги носи во градинка, дури и тогаш кога се чувствува целосно исцрпено.
На прашањето дали би сакале уште деца во иднина, таа вели „да“, но откако петорката ќе наполни пет години, а засега нема премногу да размислува за иднината.
„Никогаш не ни е здодевно, нема време за да ни биде здодевно“ – вели таа.
Инаку, Бренда има свој ТикТок профил каде споделува видеа од животот со петорката. Видеата имаат милионски прегледи, а во нив може да се забележи дека на овој пар навистина никогаш не му е здодевно.
@ibarraquintss Buenos dias!! #quints #fyp #calmmorning ♬ original sound - brendaraymundo947
Б. С. Б. | Црнобело