Хит потег на младоженец и невеста - фрлаат паричка на свадбата за да одлучат чие презиме ќе носат (видео)
- Детали
- понеделник, 09 мај 2022
Колин и Перл од САД не можеле да одлучат чие презиме да го носат откако ќе се венчаат, па решиле да фрлаат паричка на венчавката. Колин „победил“, па сега и двајцата го носат неговото презиме.
Кај нас повеќето брачни парови ја негуваат традицијата според која жената треба да го земе презимето на сопругот откако ќе се венчаат, или пак го задржуваат своето и го додаваат на сопругот, но секако, има и многу жени кои одлучуваат да го задржат само своето презиме.
Ова е одлука што секоја жена треба да ја донесе сама. Но, некогаш веројатно предизвикува несогласувања помеѓу паровите, особено ако мажот очекувал жената да го земе неговото презиме, а таа не сака.
Сепак, изгледа млад пар од САД нашол решение за овој проблем.
Перл и Колин стапиле во брак на 26 март годинава и одлучиле кое од нивните презимиња ќе го носат и двајцата, преку фрлање паричка.
28-годишната Перл и 25-годишниот Колин се запознале додека работеле во библиотеката на нивниот факултет. Бидејќи имале многу време за разговор, брзо се зближиле и почнале врска, a во ноември 2021-ва Колин ја побарал Перл за жена.
Колин никогаш не очекувал Перл да го земе неговото презиме – Хансен – но покрај многуте други планови за венчавката, морале да разговараат и за тоа.
Тогаш Перл се присетила на поткаст каде што еден од гостите на шега изјавил дека посакувал да фрлеле паричка со сопругата за да одлучат чие презиме ќе го носат по венчавката. Идејата им била пресмешна и на двајцата па одлучиле да го направат тоа.
Колин вели дека со Перл многупати фрлаат паричка кога се неодлучни за нешто, па им изгледало логично да го направат тоа и за презимето.
Па така, откако ги венчал, матичарот фрлил паричка, а Колин „победил“. Ова значи дека сега и Колин и Перл го носат неговото презиме Хансен.
Забавниот момент го снимила нивна пријателка и го објавила на ТикТок, а видеото веднаш станало вирално и досега е прегледано околу 2 милиони пати.
@diaryofasolotraveler Congrats my friends!!!! ❤️? #weddingtiktok #weddingtraditions #weddingtrends #weddingtok? #weddingtiktok2022 #weddingday #friendsgettingmarried #BridgertonScandal #WomenOwnedBusiness #OscarsAtHome #UnsealTheMeal ♬ Just a Cloud Away - Pharrell Williams
Пријателката што го споделила видеото вели дека била воодушевена од одлуката на парот, па затоа решила да го објави.
„Навистина ми се допадна фрлањето паричка, а според коментарите на видеото очигледно им се допаднало и на многу други. Мислам дека причината е тоа што ова е многу подобар начин да се одбере презимето кога се стапува во брак, наместо само да се претпоставува дека мажот е оној кој има право да си го зачува презимето.
Ова е одличен начин да се зачува традицијата на промената на презимето, но истовремено ја модернизира и ја прави рамноправна“.
Што мислите вие за оваа необична идеја?
Спирова С. | Црнобело