Калуѓерка од Франција е прогласена за најстарата жива личност – има 118 години, преживеала 2 светски војни и 2 пандемии
- Детали
- петок, 29 април 2022
118-годишната Лусил од Франција е прогласена за најстарата жива личност на светот и има преживеано две светски војни и две пандемии. Таа е и најстарата личност која го преживеала заразувањето со корона вирусот, а открива дека секој ден ужива во чаша вино и, секако, чоколадо.
По смртта на 119-годишната Кане Танака од Јапонија која беше најстарата жива личност на планетата, рекордот го зазеде калуѓерка од Франција.
На 25-ти април годинава, околу шест дена по смртта на Кане, на официјалниот сајт на Гинисовата книга на рекорди споделија дека калуѓерката Лусил, позната и како сестра Андре, е најстарата жива личност на планетата.
А, животот на Лусил е ништо помалку од импресивен.
Таа е родена на 11 февруари 1904 година и ги има преживеано двете светски војни, пандемијата со шпански грип во 1918 година, а минатата година се заразила и со корона вирусот.
Според Гинис, Лусил не е само најстарата личност на Земјата, туку и најстарата калуѓерка, како и најстарата личност која го преживеала корона вирусот.
Иако вирусот се покажа како поризичен за постарите лица, Лусил, која се заразила во јануари 2021 година, немала ни сериозни симптоми и оздравела точно навреме за да го прослави 117-тиот роденден.
Изминативе 12 години Лусил живее во дом за стари лица. Има проблеми со слухот и видот, а користи и инвалидска количка, но нејзиниот ум е навистина активен.
„Ме будат во 7 наутро, ми даваат појадок и потоа ми помагаат да стигнам до моето биро каде што го минувам времето со моите обврски“, вели Лусил за Гинис.
Во младоста Лусил работела како наставничка, а за време на Втората светска војна се грижела за деца. Потоа продолжила да се грижи за сирачиња, но и за стари, изнемоштени лица, а ова го работела цели 28 години.
Во 1944 година станала католичка калуѓерка и всушност целиот живот го поминала грижејќи се и помагајќи им на другите. Дури и кога првпат отишла да живее во дом, таа помагала во грижата за другите луѓе кои биле таму (неретко помлади од неа), и тоа сè до нејзиниот 100-ти роденден.
Поради нејзината благородна работа, во 2019 година била прогласена за почесен жител на Тулон – францускиот град во којшто живее, а добила и писма од папата Франциск и претседателот Макрон.
Лусил вели дека „само Бог знае зошто живее толку долго“, а открива дека секој ден ужива во чаша вино и, секако, чоколадо.
„Мислам дека можеби чашата вино е тајната за нејзината долговечност. Секако – не ги охрабрувам другите да почнат да пијат вино секој ден!“ – вели еден од вработените во домот за стари лица каде што престојува Лусил.
Сега Лусил единствено се надева дека ќе ја „надживее“ Жан Луис Калман – жена од Франција која го држеше рекордот на Лусил и Кане Танака пред нејзината смрт на 122-годишна возраст.
Спирова С. | Црнобело