Велика Британија се подготвува за евентуална смрт на кралицата - кои наредби се издаваат за операција „Придушување“?
- Детали
- понеделник, 11 април 2022
Постои точен протокол за тоа како треба да одѕвонуваат црковните ѕвона при евентуална смрт на кралицата Елизабета (95), а црквите во Велика Британија масовно се подготвуваат за ваков настан, откако таа се избори со ковид во февруари годинава. Што е операција „Придушување“?
Според протоколите, смртта на монархот во Велика Британија се одбележува со целосно „задушување“ на црковните ѕвона, а повеќето од 16.000 цркви во кралството не се подготвени за ваков настан.
За последен пат црковните ѕвона во Британија одѕвонувале со придушен тон во 1952-та година, односно по смртта на таткото на кралицата Елизабета Втора, кралот Џорџ Шести.
Според Daily Mail во кралството во моментов масовно се мобилизираат кожари чија задача е да изработат кожени облоги за црковните ѕвона што го обезбедуваат длабокиот и придушен тон.
Ваков тип облоги произведуваат само одредени кожари во земјата, а големиот број цркви веќе прават нарачки за истите.
„Доста време разговаравме со послугата на кралското семејство и веќе се утврдени протоколите во случај на смртта на монархот, што се надеваме дека нема да се случи брзо.
Додавањето придушувачи прави ѕвоната да звучат тажно, како шум“ – појаснува Вики Чепмен од централниот комитет на здружението Church Bell Ringers.
Инаку, кралицата Елизабета во февруари годинава се избори со ковид, а рече дека болеста целосно ја оставила истоштена.
„Навистина ве остава уморни и истоштени, нели? Ова е ужасна пандемија, а последиците не се пријатни“ – рече таа во своето видео обраќање откако го прележа вирусот.
Според официјалното соопштение, кралицата го поминала вирусот со лесни симптоми што наликувале на обична настинка.
Б. С. Б. | Црнобело