Фармацевтка го донирала својот бубрег за пациент кој купувал од нејзината аптека: „Таа е мојот ангел спасител“
- Детали
- среда, 06 април 2022
Кога 50-годишниот свештеник Дони ѝ кажал на неговата фармацевтка дека чека донор за трансплантација на бубрег, таа без двоумење му рекла дека ќе му го даде нејзиниот. Со ова, таа буквално му го спасила животот.
Кејтлин Киркленд е фармацевтка која работи во аптека во Северна Каролина, САД. Овде таа го запознала Дони Пикерал, локален свештеник кој редовно купувал лекови против алергија од аптеката.
Покрај алергиите, Дони имал и генетска болест на бубрезите која му била откриена дури во доцните тинејџерски години.
Поради болеста, бубрезите на Дони работеле со драстично намален капацитет, а лекарите немале добра прогноза за него и не очекувале дека неговите бубрези ќе издржат уште долго.
„Според лекарите, постоеше можност да ги загубам и двата бубрега до период од две години“, открива Дони.
Но, поради здравиот начин на живот, Дони успеал да го одржи здравјето на бубрезите со години.
Сепак, во 2019 година неговото тело веќе било преморено и состојбата му се влошила. Неговите бубрези практично не функционирале и единственото решение била трансплантација. Во спротивно, лекарите му кажале дека ќе може да живее само уште неколку месеци.
Дони бил ставен на листата на чекање донор и се надевал дека ќе се случи чудо.
Дотогаш Дони веќе бил добар пријател со Кејтлин и редовно разговарале кога одел по лекови во нејзината аптека. Низ еден таков разговор, Дони ѝ спомнал на Кејтлин дека чека донор.
„Бев импресиониран од неа бидејќи ми покажа сочувство и изгледаше загрижена за мене. Ѝ реков ’Ако најдам бубрег, ќе можам да им помагам на луѓето и верниците уште долго‘.
Тогаш таа ми рече: ’Ти си свештеник, зарем не? Сакам да ти го дадам мојот бубрег‘“.
На Дони не му се верувало дека навистина се случило чудо, но сепак Кејтлин не можела веднаш да го донира својот бубрег. Кога лекарот воочил дека таа е погоден донор за Дони, откриле дека нејзиното ниво на холестерол е превисоко.
Но, Кејтлин веднаш направила животни промени и до мај 2020-та го намалила нивото на холестерол.
Веднаш потоа на Дони му била направена трансплантацијата, а оттогаш се чувствува одлично.
Дони и Кејтлин се доби пријатели до денес, а свештеникот вели дека таа е неговиот ангел спасител.
Сепак, Кејтлин е поскромна и вели дека не се чувствува како херој.
„Станав фармацевт бидејќи сакав да им помагам на луѓето. Дони е еден од моите пациенти. Знаев дека ако сум погоден донор, тогаш морам да му помогнам. Мислам дека бевме споени од Бог“.
Спирова С. | Црнобело