Борци! Близначиња родени во 5-тиот месец од бременоста преживеале и се стабилни – мајката мислела дека има спонтан абортус
- Детали
- четврток, 17 март 2022
Кога Џејд од Англија почувствувала породилни болки во 22-рата недела од бременоста, лекарите ѝ рекле дека станува збор за спонтан абортус. Но, нејзините близнаци покажувале знаци на живот, па лекарите веднаш интервенирале и сега, пет месеци подоцна, тие се во стабилна состојба и конечно се пуштени дома.
Близначињата Харли и Хари Крејн ќе останат запомнети во медицинската историја – тие се родиле во 22-рата недела од бременоста и покрај предвидувањата на лекарите дека нема никакви шанси да преживеат, тие се во одлична форма.
Мајката на близначињата, 39-годишната Џејд Крејн, забременила со помош на асистирано оплодување, а се породила во само 22-рата недела, односно петтиот месец од бременоста.
Во тој период од бременоста, лекарите не го гледаат ова како породување, туку како спонтан абортус бидејќи шансите бебето да преживее се практично нула.
Но, овие мали дечиња не се откажале така лесно, преживеале и покрај сите негативни прогнози и сега, пет месеци подоцна, се пуштени од болница.
Уште поинтересно е што оригиналниот датум за породување на Џејд бил околу две недели пред да си замине од болницата со дечињата.
„Многу сум горда на моите бебиња – тие се мали борци. Одлично се држат. Ги прават сите работи што ми рекоа дека нема да можат да ги прават – плачат и преживуваат“, вели среќната мајка.
„Лекарите ми рекоа дека децата нема да преживеат штом се родени во 22-ра недела. Но, бебињата покажуваа знаци на живот и лекарите решија да интервенираат.
Чекавме речиси пет месеци за ова. Жал ми е што ќе го напуштиме медицинскиот тим, но пресреќна сум што конечно ќе одиме дома“.
Џејд и нејзиниот сопруг Стив со години се обидувале да добијат деца, а кога Џејд првпат останала бремена, имала ектопична бременост.
Поради ова, следните обиди за дете морале да бидат со асистирано оплодување.
Во текот на 11 години, Џејд и Стив направиле осум асистирани оплодувања, а пробале и третман со асистирана имплантација на ембрион.
Џејд имала неколку спонтани абортуси, по што дознала дека има многу активен имунолошки систем, поради што нејзиното тело ги одбивало фетусите.
Џејд почнала терапија за да си го среди имунолошкиот систем и со Стив се упатиле во клиника за плодност во Лондон за која се велело дека е една од најдобрите во светот.
„Имавме долго патување со асистираното оплодување. Со Стив сме заедно 14 години, а 11 од нив ги потрошивме во тоа. Осмиот третман со асистирано оплодување беше успешен и сега имаме момче и девојче!“ – вели Џејд.
„Не ми се веруваше и премногу се плашев од спонтан абортус“.
Во 22-рата недела од бременоста, на Џејд ѝ пукнал воденикот, па веднаш се упатила во болница.
„Лекарите беа шокирани и беше многу страшно. Ми кажаа дека ќе ме примат, но дека најверојатно станува за спонтан абортус.
Лекарот упорно ми викаше дека е спонтан абортус, но јас го уверував дека не е бидејќи ги чувствував бебињата како се движат.
Знаев дека се живи, но ми рекоа дека нема да преживеат ако се родат во 22-рата недела“.
„Кога се родија, бебињата покажуваа знаци на живот и лекарите одлучија да интервенираат. Беа живи! Се движеа и плачеа. Звучеа како мали мачиња!“
По породувањето, дечињата биле ставени во инкубатор и им биле направени неколку операции за здравствените проблеми кои се последица на предвременото раѓање.
Бидејќи операциите биле ризични, лекарите ѝ кажале на Џејд дека бебињата можеби нема да преживеат. Но, тие уште еднаш им приредиле пријатно изненадување на сите.
Близначињата закрепнале и сега, пет месеци по нивното раѓање, се пуштени дома.
„Дефинитивно ќе бидат запомнети во медицинската истурија. Сите лекари беа воодушевени од нив“.
Спирова С. | Црнобело