Русинката Ана Сорокин по измамата од 300.000 долари и затворската казна, ќе биде депортирана во Германија како сиромашна жена
- Детали
- вторник, 15 март 2022
Се претставувала како богата наследничка со богатство од 60 милиони долари, а всушност пораснала во семејство на руски доселеници во близина на Келн, Германија. По една година престој во затвор за имигранти во САД, Ана Сорокин е депортирана во Германија како сиромашна жена.
Измамничката Ана Сорокин (31) која стекна светска слава благодарение на серијата на Netflix, Inventing Anna денес ќе биде депортирана во Германија.
Ана Сорокин која е попозната како Ана Делви, со авион од Њујорк ќе биде депортирана во Франкфурт на Мајна, каде ќе биде слободна жена.
Ана во 2017-та година беше уапсена и околу две години ја чекаше пресудата. Во 2019-та година беше осудена на затворска казна во траење од 4 до 12 години, а во февруари 2021-ва беше условно ослободена.
Сепак, таа слобода траеше кратко - по само шест недели, таа беше уапсена од страна на имигрантските служби затоа што ја пречекорила дозволата за престој.
Ана во последната година поднесе документи до властите во САД со кои бараше да ѝ се дозволи азил во земјата, но откако нејзиното барање беше одбиено, таа и официјално во понеделникот (14.03) е депортирана во Германија.
Во Германија, како што пренесуваат тамошните медиуми, Ана ќе биде слободна жена затоа што веќе ја одлежала затворската казна во САД.
Во 2016-та година таа пристигнала во САД и претставувајќи се како Ана Делви со наследство од 60 милиони долари, во високите општествени кругови во Њујорк успеала да направи измама тешка околу 275.000 долари.
За серијата Inventing Anna, Netflix ѝ исплати еднократно 320.000 долари, што таа вели дека ги потрошила за да ги исплати долговите кон банките и кон легалниот тим.
Ана по потекло е Русинка. Таа на 16 години со семејството емигрирала во Германија, каде нејзиниот татко на почетокот работел како возач на камиони, а живеела во близина на Келн.
По скандалот во САД, нејзините родители се откажале од неа.
Како што пишува The Sun, родителите на Ана потекнуваат од предградието Домодедово во Москва, а во 2007-ма година емигрирале во Германија.
Татко ѝ на Ана, Вадим Сорокин денес работи со системи за климатизација, а нејзината мајка има мала продавница.
Тие во изјава за медиумите велат дека немаат намера да ја пречекаат по депортирањето.
Прочитајте повеќе: Се претставувала како германска наследничка, не плаќала за луксузниот живот - Каде е денес измамничката од Inventing Anna?
Б. С. Б. | Црнобело