Вистинска инспирација: 8-годишно девојче со алопеција одбива да носи перики и е на пат да стане модел (фото)
- Детали
- четврток, 10 март 2022
„Периката беше премногу за нејзината мала глава и постојано ја чешаше. Таа сака да плива и да си игра како секое дете, а периката ѝ пречеше“, вели мајката на 8-годишно девојче кое е вистинска инспирација – има алопеција, но не дозволува нарушувањето да влијае врз нејзината самодоверба.
Благодарение на храбрите личности со алопеција кои сè почесто зборуваат за нивното искуство, јавноста станува посвесна за ова нарушување.
Но, оние кои отворено зборуваат за нивната состојба обично се возрасни личности, па не ни помислуваме дека нарушувањето може да се појави и кај мали деца. А, за нив може да биде многу потешко да се справат со целата ситуација.
8-годишната Наим Луис од Јужен Велс има алопеција која ѝ била дијагностицирана уште на 5-годишна возраст.
Поради нарушувањето кое предизвикува паѓање на косата, веѓите и трепките, малото девојче било исмејувано на училиште, додека возрасните обично претпоставувале дека e смртно болна и си давале слобода да коментираат за тоа.
Иако на почетокот Ниам носела перики, сега решила конечно да се ослободи од нив, па дури направила и договор со модна агенција.
Мајката на Ниам, 43-годишната Ејми, открива дека девојчето е самоуверено и храбро и повеќе не дозволува негативните коментари да допрат до неа.
„Горда сум на тоа како се справува со коментарите од другите деца и луѓето што ја застануваат на улица“.
Ејми вели дека Ниам била родена со коса, но на 3-годишна возраст почнала да ѝ паѓа повеќе од вообичаено. До 5-годишна возраст, на Ниам ѝ паднала целата коса.
„Нарушувањето напредуваше бавно, но потоа беа потребни само четири месеци за да ѝ падне целата коса. На почетокот ѝ паѓаа само по неколку прамени и таа не ни забележуваше бидејќи повторно ѝ растеа.
Прво пробуваме да ги скриеме деловите без коса со разни фризури, но нејзината коса стануваше сè потенка и поретка“.
Ејми вели дека Ниам се справила со ситуацијата дури и подобро од неа.
„Ниам ми рече ’Ако на моето тело му треба коса, ќе порасне. Ајде да зборуваме само убави нешта. Да не користиме зборови како страда‘“.
За Ејми најголема грижа биле лошите коментари од другите за кои била сигурна дека ќе ја срушат самодовербата на малото девојче.
„Како мајка, тагував за нејзината коса и ми беше навистина тешко. Се грижев за нејзината иднина, особено како девојка без коса. Постојано се грижам како ќе ја третираат оние кои не разбираат што се случува“.
Набрзо откако ѝ дијагностицирале алопеција, малата Ниам добила бесплатна перика од добротворна организација, но сега девојчето одбива да ја носи.
„Периката беше премногу за нејзината мала глава и постојано ја чешаше. Таа сака да плива и да си игра како секое дете, а бидејќи периката ѝ пречеше, рече дека не сака да ја носи.
Некогаш носи марами, но многу повеќе сака да не носи ништо на главата“, вели мајката на прекрасното девојче.
Сега бидејќи Ниам е малку поголема, самата може да им помогне на другите да сфатат што е алопецијата. Истовремено, таа и мајка ѝ одлучиле дека нема да пробуваат третмани кои можат да ги зголемат шансите да ѝ порасне коса.
„Сега Ниам може да им објасни на другите дека нема рак, но на улица многу луѓе ме имаат прегрнувано со солзи во очите. Кога станува збор за терапии, има некои инјекции, но сметам дека Ниам нема потреба да минува низ тоа“.
Сакајќи да ја покаже својата убавина, Ниам изразила желба да стане модел, па со помош на мајка ѝ веќе има договор со модна агенција.
„Ниам навистина сака да биде модел и никогаш не ја изгубила самодовербата пред камера. Би сакала алопецијата да стане норма и за моделите“.
Спирова С. | Црнобело