Ја заклучувале дома, ја тепале и ѝ се заканувале по живот - потресната приказна на девојка (21) која избегала од Саудиска Арабија
- Детали
- вторник, 08 март 2022
Рахаф успеала да избега од Саудиска Арабија во 2019 година по малтретирањето и опресијата што ги трпела дома со години. Годинава, симболично на 8-ми март, таа објави мемоари во кои ја раскажува нејзината приказна и со кои се обидува да ја подигне свеста за опресијата што ја чувствуваат жените ширум светот.
Рахаф Мохамед е 21-годишна девојка од Саудиска Арабија која побегнала од родната земја и побарала азил во Канада поради тортурата што ја трпела од нејзиното семејство.
Младата девојка го привлече вниманието на јавноста уште во 2019 година, кога успеала да стигне до Бангкок. Не сакајќи да биде вратена кај нејзините родители, тогаш 18-годишната Рахаф се затворила во соба на аеродромот во Бангкок и одбивала да излезе.
По овој настан, за девојката се погрижија Обединетите Нации кои ѝ помогнаа да добие азил во Канада.
Симболично, на 8-ми март годинава, Рахаф издаде книга насловена Rebel: My Escape from Saudi Arabia to Freedom каде што ја раскажува нејзината приказна и се обидува да ја подигне свеста за опресијата што ја чувствуваат другите девојки и жени во нејзината родна земја, но и во други држави ширум светот.
Рахаф е петтото од седумте деца на нејзините родители и потекнува од богато семејство. Вели дека нејзиното семејство живее во една од најконзервативните области во Саудиска Арабија и уште од најрана возраст ја чувствувала опресијата.
Во детството, додека нејзините браќа можеле слободно да излегуваат надвор и да носат фармерки и маички, нејзе сето ова ѝ било забрането.
Рахаф тврди дека родителите и браќата го контролирале секој нејзин чекор, не ѝ дозволувале сама да излегува надвор и не смеела ни да го отвори прозорецот од нејзината спална соба.
„Никој не треба да го слушне гласот на некоја девојка. Ми рекоа дека никогаш не може да излегувам во јавност и ако некогаш морам да работам, можам да бидам само наставничка во училиште за девојчиња“, вели Рахаф која притоа, добивала закани дека ќе има последици ако помисли да прекрши некое од правилата.
Во интервју за канадскиот медиум The Star, Рахаф открива дека била и жртва на физичко насилство.
„Ме тепаа бидејќи не се молев. Тоа беше секојдневна опресија. Ние сме третирани како предмети, како робови. Не можеме да донесуваме одлуки за работите што ги сакаме“.
Девојката не смеела да зборува со продавачите кога одела во продавница, а кога одела на лекарски преглед, нејзините браќа зборувале со лекарите наместо неа и таа не смеела да каже ниту збор.
Кога, пак, решила да си ја потстрижи косата, родителите ја затвориле во куќата цели шест месеци.
Во тинејџерските години, Рахаф станала уште погневна за она што ѝ се случува, кога налетала на Твитер профилот на жена од Саудиска Арабија која успеала да побегне во Канада.
Откако стапила во контакт со неа, Рахаф почнала да размислува за опцијата да избега од родната земја.
Девојката ја донела конечната одлука во 2018 година, откако била силувана. За страшниот настан ѝ кажала само на една пријателка, која ја советувала да не кажува никому бидејќи мажот нема да одговара, а таа најверојатно ќе биде казнета.
Рахаф почнала да го планира нејзиното бегство и да трга пари настрана. Кога била подготвена, на почетокот од 2019 година, го убедила семејството да одат на одмор во Кувајт, од каде што планирала да побегне.
Рахаф успеала скришно да купи авионски билет од Кувајт до Тајланд, а онлајн закажала хотелска соба во Бангкок.
Планот на Рахаф бил успешен сè до аеродромот во Бангкок каде се соочила со нови проблеми – од обезбедувањето ја задржале на аеродромот и не ѝ дозволувале да го напушти.
Рахаф почнала да стравува за својот живот бидејќи знаела дека ќе ја вратат кај семејството.
„Мојот план беше внимателно подготвен – ќе останев неколку денови во хотел во Бангкок каде што закажав соба и потоа ќе летав до Мелбурн каде што ќе ме чекаше друга жена бегалка. Ќе побарав азил веднаш штом ќе стигнев и мојот нов живот ќе почнеше.
Наместо тоа, бев заробена на аеродромот. Стравот што го чувствував беше како бела светлина што ми експлодира во мозокот. Се тресев и се потев – ја гледав иднината што ме чека, како ми завршува животот“, пишува Рахаф во нејзините мемоари.
Тогаш Рахаф се затворила во просторија на аеродромот и почнала да пишува твитови за нејзината положба. Овие објави го привлекоа вниманието на целата јавност и благодарение на ова, нејзината приказна допрела до личност од Обединетите Нации одговорна за бегалци.
Тој веднаш испратил тим до хотелот за да утврди дали животот на Рахаф е во опасност.
Девојката признава дека на почетокот била скептична, но кога сфатила дека тимот е навистина од ОН, почнала да плаче. Конечно, била пуштена од аеродромот и добила дозвола да влезе во Канада како заштитен бегалец.
„Мислев дека нема шанси да се случи нешто вакво. Сега се чувствувам безбедно во Канада. Многу сум среќна. Се чувствувам како да сум одново родена“.
Сега Рахаф се обидува да го изгради својот живот и се залага за правата на опресираните жени.
„Денес и во годините што следат ќе работам за да ја поддржувам слободата на жените низ целиот свет. Истата слобода што ја почувствував на првиот ден кога пристигнав во Канада“, изјави Рахаф на прес-конференција откако доби азил во Канада.
Спирова С. | Црнобело