Луда љубовна приказна: Присилно се разделиле и откажале од ќерката – 50 години подоцна конечно се венчале
- Детали
- вторник, 08 март 2022
Карен Леман и Дени Винар од Минесота биле пар во тинејџерските години, но по непланираната бременост на Карен, семејствата ги натерале да се разделат, а нивното дете да го дадат на посвојување. Сега, повеќе од 50 години подоцна, тие повторно стапиле во контакт, се венчале и имаат можност да ја видат нивната ќерка.
Во 1961-ва, кога Карен Леман имала 15 години, била во врска со Дени Винар. Истата година Карен останала бремена, по што нејзините родители ја присилиле да се раздели од Дени.
Карен била испратена во дом за млади невенчани мајки, а родителите ја натерале да го даде детето на посвојување. И покрај забраната од родителите, тие сепак продолжиле да се гледаат.
Карен открива дека Дени доаѓал да ја посетува во домот, а дури имал и можност да ја види нивната ќерка пред да ја дадат на посвојување.
„Имавме една фотографија од неа и тоа ни беше единствениот спомен“, вели Карен.
Потоа Дени заминал на воен рок, а кога се вратил, решил да ја побара раката на Карен која тогаш веќе била во раните 20-ти.
Но, нејзините родители остро се противеле на нивната врска и не ѝ дозволиле да се венча со Дени за да го доврши факултетот.
Со текот на времето, Карен и Дени се оддалечиле и си нашле нови партнери. Сепак, Дени вели дека никогаш не престанал да мисли на неговата прва љубов.
Поминале цели пет децении пред Дени да се сети да ја побара поранешната љубов на LinkedIn.
Дени ја почнал потрага во 2014 година, и тоа поради прашање што навистина го натерало да размисли. Имено, некој го прашал „Ако ти остануваат уште 60 дена живот, со која личност би сакал да одиш на вечера и да разговараш?“
Дени сфатил дека одговорот е Карен, па ја нашол на LinkedIn и ѝ испратил порака.
Тие се допишувале три месеци пред да се сретнат во живо, а откако се виделе, се венчале само 36 часа подоцна.
„Се чувствував како ништо да не се променило оттогаш, дури ни искрата во неговите очи кога се смее“, вели 76-годишната Карен.
Иако биле пресреќни што се заедно, на Карен и Дени им недостасувала и нивната ќерка.
„Еден ден ми рече: ’Карен, ми требаше многу време да те најдам. Мојот живот ќе биде целосен ако можеме да ја најдеме ин вашата ќерка‘“, открива Карен.
Парот стапил во контакт со агенцијата за посвојување и оттаму им помогнале да ја лоцираат ќерка им Џин.
Во 2016 година, целото семејство било обединето.
„Малку нешта се споредуваат со моментот кога првпат ќе ги сретнете вашите родители. Искуството беше многу емотивно и трогателно. Кога татко ми влезе кај мене, го погледнав и не ми се веруваше колку многу личам на него“, вели ќерка им Џин.
Сега, Карен, Дени и Џен се обидуваат да надополнат за изгубеното време и се пресреќни што се конечно заедно.
„Љубовта што ја има меѓу нас е неспоредлива. Навистина е неверојатно“, вели Дени за неговото семејство.
Спирова С. | Црнобело