Италија им плаќа по 2.000 евра на странските парови што ќе се венчаат во Рим – кои се условите?
- Детали
- понеделник, 07 март 2022
За свадба во италијанскиот град на љубовта, Рим, паровите може да добијат по 2.000 евра. Не е важно дали станува збор за италијански или странски државјани, а единствен услов е само свадбата да се одржи во регионот Лацио, каде спаѓа и главниот град на Италија.
Со цел да ја подобри економијата по светската пандемија Италија одлучи да понуди поволности за двојките што одлучиле да го кажат судбоносното „ДА“ таму.
Како што пренесуваат светските медиуми, иницијативата In Lazio with Love е посветена на сите Италијанци, но и странски државјани што сакаат да стапат во брак во 2022-ра година.
Така сите двојки што ќе одлучат да ја направат својата свадба во регионот Лацио, каде влегува и главниот град Рим, ќе добијат 2.000 евра.
Исто така, не е важно каде ќе се оддржи свадбата, може да биде на плажа, во замок или во Рим, а властите даваат рефундирање на средствата.
„Целта е да се поддржи секторот што беше мошне погоден од пандемијата. Инвестиравме поголема сума со цел да го зајакнеме туристичкиот сектор“ – вели Никола Зингарети, претседателот на Лацио, а пренесуваат странските медиуми.
Освен паровите што планираат да се венчаат, за субвенции може да се пријават и оние што веќе се венчале во 2022-ра година, а потребно е да поднесат документи со кои ќе приложат и сметки за трошоците.
Единствен услов за да се добијат парите е сите услуги (за просторија, фустан, кетеринг и сл.) да бидат обезбедени од фирми во Лацио.
Инаку, според податоците достапни на некои веб страни за тоа колку чини организација на свадба во Италија, за веселба со околу 100 гости, младенците треба да издвојат сума од 40.000 до 85.000 евра, врз основа на местото каде што сакаат да се одржи свадбата и кетеринг услугата.
Б. С. Б. | Црнобело / фото: depositphotos.com