Глетка која не се заборава: 70-годишна жена смирува непознат агресивен човек, држејќи го за рака
- Детали
- петок, 12 февруари 2016
Понекогаш малите гестови можат да направат големи промени во животот на луѓето околу нас, а оваа 70-годишна жена нè потсетува дека нежниот човечки контакт може да ги смири и оние најагресивните.
Неочекувано, оваа жена посегнала по човекот кој се однесувал агресивно во возот „Sky Train“ во Ванкувер, а Фејсбук корисникот Ехаб Таха кој седел покрај нив ја фотографирал ситуацијата.
Да не била храбрата жена, ситуацијата веројатно ќе ескалирала во нешто посериозно. Таха вели дека човекот имал брзи движења, пцуел, викал и ги плашел патниците.
Додека повеќето само го одминувале и молчеле, жената посегнала со раката по него и чекала да подаде рака назад. „Само ја испружи раката и чекаше на него. Се држеа така 15 до 20 минути додека човекот конечно не пристигна до својата дестинација“ - објаснува Таха.
Откако човекот излегол, Таха ѝ се заблагодарил на жената и ја прашал зошто го направила тоа.
„Не сакав да се чувствува осамено. Јас сум мајка и имам два сина кои се на негова возраст, а животот знае понекогаш да биде неподнослив, посебно на таа возраст“ - му одговорила.
Оваа жена е доказ дека не ви се потребни големи гестови за да покажете сочувство, понекогаш потребна е само рака.
Н. Г. | Црнобело