Почина легендарниот пејач Дејвид Боуви
- Детали
- понеделник, 11 јануари 2016
Дејвид Боуви почина на 69 години откако 18 месеци тајно се борел против ракот. Ѕвездата која пред само неколку дена го објави својот нов албум, беше позната како креатор на глам рокот и еден од најуспешните музичари на 20-иот век.
„Дејвид Боуви почина мирно опкружен со своето семејство по 18-месечната храбра битка со ракот. Многумина од вас ќе ја споделат загубата, но ве замолуваме да ја почитувате приватноста на неговото семејство“ – тоа е изјавата на официјалната страна на Боуви.
Влијателниот пејач, текстописец и продуцент се прослави во многу музички жанрови во неговата 40-годишна кариера. А, неодамна го издаде и неговиот 25-ти албум „Blackstar“.
Боуви се прослави со албумот „The Rise and Fall of Ziggy Stardust and the Spiders From Mars“ од 1972-та година, албум кој ја прикажува рок ѕвездата како вонземјанин. Тука беа комбинирани британскиот мод и јапонскиот кабуки стил каде Боуви го создаде своето алтер его Зиги Стардаст.
Некои од неговите најпознати песни ги вклучуваа: „Let’s Dance“, „Space Oddity“, „Heroes“, „Changes“, „Under Pressure“, „China Girl“, „Modern Love“, „Rebel, Rebel“, „Suffragette City“ и божиќното дуо со Бинг Крозби.
Н. Г. | Црнобело