Исповед на најбогатиот Кинез: Трошењето на парите ми е потешко од заработувањето
- Детали
- четврток, 13 ноември 2014
Основачот на гигантот „Алибаба“, Џек Ма „тежи“ 24 милијарди долари, но кажува дека за него потешко е трошењето пари, отколку заработувањето на истите.
Кога имате компанија која важи за едно од најсилните во светот, работата ви оди одлично и можете да си дозволите сè со парите кои ги имате би помислиле дека животот на овој човек е мед и млеко. Сепак, тој тврди дека е сосем спротивното.
„Не сум среќен. Премногу притисок има на мојот грб. Луѓето ми велат: „Џек, да се биде богат е добро нешто“. Да, добро е...но не и кога сте најбогатиот Кинез на светот. Верувајте ми“. – изјавил Ма за Си-Ен-Би-Си.
„Богатството ми предизвикува голема болка, првенствено затоа што сите околу мене се исклучиво поради пари. Кога ќе излезам на улица, луѓето поинаку ме гледаат. Само сакам да бидам она што сум, обичен човек“ – дополнува Ма.
Неговата компанија „Алибаба“ е проценета на 170 милијарди долари, а вредноста на една акција е 119 долари.
Тој не ја исклучува можноста за поголем дел од своето богатство да го донира хуманитарно, за да се ослободи од болката која ја чувствува.
„Трошењето на парите ми е многу потешко отколку да ги заработам“ – изјавил Ма.
„Сметам дека е неодговорно некој да купи 11 куќи. Кога имаш толку многу пари имаш и одговорност да ги трошиш на основните работи кој ќе им помогнат на луѓето кои немаат. Мора да им покажеш на сите тие луѓе дека не си обичен богаташ, туку дека можеш да бидеш и подобар, да им помогнеш повеќе отколку што тоа го прави нивната земја. Тоа е голем предизвик!“ – признава Џек Ма.